САД ПОДДРЖУВА „ПРИФАТЛИВИ ОДГОВОРИ“ ЗА БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА Прва официјална посета на Ескобар на Скопје
Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на средбата со премиерот Зоран Заев изразил целосна поддршка на САД за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија, соопшти владината прес-служба.
Ескобар е во прва официјална посета на земјава. На средбата во Владата, тој бил придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз.
Како што соопштија од владината прес-служба, Заев на средбата го запознал Ескобар со актуелната политичка состојба во земјата, нагласувајќи дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Македонија во НАТО, за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ, за справувањето со пандемијата, за економскиот раст и особено за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.
Ескобар истакнал дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“, се вели во соопштението на владината прес-служба.