ТРЕБА ДА СЕ БАРА РЕЦИПРОЦИТЕТ Бугарија има непристојни барања кои се далеку од европските вредности
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Бугарија треба да ги почитува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур и декларациите кои ги има донесено Европскиот парламент за почитување на правата на оние луѓе кои се идентификуваат како Македонци во Бугарија и кои се засебни од Бугарите со своја традиција култура, обичаи и дека оспорувањето не е европска вредност на 21 век.
Тоа што го бара Бугарија од Македонија и македонскиот народ е непристојно и нема врска со европските вредности, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Тој смета дека мора да постои реципроцитет, но и не може во 21 век некој да ни го оспорува правото на јазик, идентитет, историја и култура.
– Правилото на реципроцитет е нормално да се бара, затоа што тоа кое во моментот се бара од Македонија и Македонците е навистина непристојно од страна на нашиот источен сосед и тоа нема никаква врска со вредностите кои ги имаат промовирано своевремено Аденауер, Шуман и де Гаспери и тоа нема врска со европските вредности некому да му го оспорувате правото на јазик, идентитет, историја, култура, посебност – рече Мицкоски.
Тој истакна дека Бугарија треба да ги почитува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур и декларациите кои ги има донесено Европскиот парламент за почитување на правата на оние луѓе кои се идентификуваат како Македонци во Бугарија и кои се засебни од Бугарите со своја традиција култура, обичаи и дека оспорувањето не е европска вредност на 21 век.
– За мене не претставува вредност на 21 век некој да ми го оспорува правото да се идентификувам како Македонец, да ги славам македонските херои, македонската организација формирана во Солун 1893 и некој тоа да ми го оспорува и да вели дека не било македонско, туку дека било бугарско и дека јас сум дело на Коминтерната и дека од постоиме од 1945 и дека тие дошле тука да не ослободат и да не администрираат – рече Мицкоски.