ДИМИТРИЕВСКИ НЕ Е ЗАГРИЖЕН ЗА ЦРНАТА КАМПАЊА Мојот акцент се граѓаните, а Куманово не може никој да го згасне
Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово истакна дека е задоволен од резултатот што го оствари во првиот круг во однос на условите во коишто оваа граѓанска иницијатива работела.
Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски во дебатната емисија на МТВ, потенцираше дека прави сè за да го менува Куманово на подобро.
– Ја деблокиравме општината и создадовме ред. Го покачивме позитивното мислење за општинската администрација. Имав проблем вработените од ресторани и кафани во работно време да ги приберам. Некои си заминаа, некои професионално останаа да работат. Но, една работа ме чуди. Како тоа до вчера, до пред еден ипол месец бев еден од најдобрите градоначалници на Социјалдемократскиот сојуз, а отсега, од овој момент сум најлошиот токму за истите тие. Имате еден куп изјави. И на лидерите и на претставници. Се сликале со многу проекти коишто ги имаме имплементирано и јас како градоначалник. И наеднаш сега Максим Димитриевски не чини. Тоа е голема непринципиелност. Па се води една црна кампања. Јас не се грижам за тоа. Мојот акцент се граѓаните на Куманово. Јас продолжувам со имплементација на програмата, во моментов се работи, а ќе се работи и по 31-ви октомври – рече Димитриевски.
Во емисијата, тој истакна дека Куманово заслужува да има нови зелени површини и истите ќе ги добие.
– Куманово заслужува три нови градски парка, нови урбани скверови, продолжување на улици, пробивање на булевари Октомвриска револуција, 5 кружни токови, без разлика на сите опструкции ние ќе продолжиме. Не може Куманово никој да го згасне, ниту пак да го направи некој приватна своина како што посакуваат поединци. Ако имате кампања којашто ви ја финансираат луѓе кои доаѓаат од градежниот бизнис и имаат намера да вцртуваат локации, маркица, нудиме да градите детска градинка. Имате локација Ореов лад во Куманово коешто е всушност купена од градежниците и сакаат да прецртаат детска градинка и да стават комплекс на згради, јас велам не може ќе се гради детска градинка, тие се во штабот на господинот Илиевски сега и ми викаат па ние ќе садиме кромид, ама некој друг ќе дојде и ќе потпише, а ние дотогаш кромид ќе садиме. Што очекувате дотогаш дека ќе развиете? – истакна Димитриевски.
Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово истакна дека е задоволен од резултатот што го оствари во првиот круг во однос на условите во коишто оваа граѓанска иницијатива работела.
– Како независни кандидати немавме можност да се претставиме особено на националните медиуми, бидејќи законот е таков. Немавме никакво рекламирање. Ова е првпат во историјата на државата да имате кандидат од актуелна политичка партија којашто буквално не се согласува со раководството и излегува како независен кандидат и победува во првиот круг на избори со 22 или со 1 глас разлика, сепак тоа е победа. Се заблагодарувам на сите гласачи кои излегоа на избори, особено на оние што ми ја дадоа поддршката, а дополнително ќе се обидам да ја добијам поддршката и од останатите кумановци, бидејќи концептот „За наше Куманово“ има концепт како да продолжи да го развива градот во една модерна и урбана средина – рече Димитриевски.
Тој потенцираше дека во изборниот процес континуирано се употребувани државни средства, и употребен е целиот државен апарат вклучувајќи го Министерството за внатрешни работи, како и многу лица вработени во Министерството, присутни континуирано пред гласачките места, големи изборни нерегуларности за коишто сфатиле дека каде и да остават забелешки по однос истите, системот за жал не функционира целосно.
– За МВР правилата во оваа држава не важат, бидејќи самата кампања континуирано се турка на тој начин со голем број на лица вработени во МВР, некои од нив и директно вработени кај министерот за внатрешни работи во личното обезбедување, но сепак граѓаните победија и повторно сум сигурен дека граѓаните ќе победат на 31-ви октомври – додаде Димитриевски.