Кандидат на ВМРО – ДПМНЕ за градоначалник на општината Гази Баба е Бобан Стефковски. Него го претстави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– До мене овде е идниот градоначалник на Гази Баба Бобан Стефковски, а исто така и идниот градоначалник на Градот Скопје, ѓ-ѓата Данела Арсовска. Ќе кажат тие дел од своите планови, својата визија за општината Гази Баба, но и развојот на Градот Скопје – изјави Мицкоски.
Стефковски истакна дека целиот живот го поминал во Општина Гази Баба и дека тој знае точно што треба низ секоја улица на општината.
– Многу недостатоци се наталожени изминатиов период но со посветеност и решителност, заедно со вас ја понесувам одговорноста за преобразба на нашиот заеднички дом-општина Гази Баба. Првиот ден, по мојот избор за градоначалник на Општина Гази Баба ќе донесам решение за запирање на постапката за отворање на нова тешка загадувачка индустрија во кругот на Железара, која градоначалникот во заминување ја има започнато. Наместо отворање на нови капацитети за загадување, ние во нашата програма предвидуваме засадување на повеќе од 500.000 дрва на територија на Општина Гази Баба во следните четири години, зголемување на површини за паркови и парковски зеленило, како и расчистување на сите диви депонии на наша територија – рече тој.