Јордан Камчев повторно однесен на Клиниката за кардиологија
Адвокатскиот тим на Камчев соопшти дека неговата здравствена состојба се влошила вчеравечер кога во затворот е повикана итна помош и дополнително се влошила утрото кога е пренесен на Клиниката за кардиологија.
Адвокатите на Јордан Камчев кои денеска биле во посета кај него во затворот во Скопје соопштија дека Камчев повторно е однесен на Клиниката за кардиологија поради влошување на здравствената состојба. По интервенција на лекарите во Клиниката тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор.
– Имено, во текот на вчерашната вечер Камчев во затворот имал задушување, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира па поради сериозноста на состојбата викната е брза помош, констатирано е зголемен крвен притисок и на г-динот Камчев му е дадена соодветна, моментална терапија – велат од тимот адвокати.
Според нив, утрово, и покрај примената терапија од брзата помош во текот на вчерашната вечер, Јордан Камчев повторно бил во лоша здравствена состојба и со возило на брзата помош е пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје.
– По реакција на лекарскиот тим на Клиниката за кардиологија во Скопје и по стабилизирање на состојбата на г-динот Камчев тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор. Неколку пати како одбрана реагираме на сериозно влошената здравствена состојба на г-динот Јордан Камчев, којашто очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика. Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, г-динот Камчев од својата 15 година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје – велат адвокатите на Камчев.
Тие информираат и дека сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот.