Мизрахи: Резолуцијата зборува за македонски јазик, идентитет и историја и нема зошто да се коригира
Мизрахи потенцираше дека Резолуцијата е креирана од МАНУ, УКИМ и МПЦ и за нејзината содржина нокој нема да каже „не“.
Резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ е креирана на таков начин за ниту еден граѓанин на Македонија да не рече „не“ за оваа резолуција и ниту една политичка фигура да не рече „не“, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.
Мизрахи потенцираше дека Резолуцијата која е креирана од МАНУ, УКИМ и МПЦ зборува за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја и нема што да се коригира во неа.
Мизрахи се осврна и на Законот за државјанство за што рече дека доколку земјава сака да биде дел од ЕУ, мора да се однесува така.
– Оној закон за државјанство кој беше приложен во 2020 најверојатно ќе послужи како пандан за следното решение. Во однос на текстот на законот има збир на небулози, како на пример, дека граѓаните ќе може да добијат државјанство согласно одреден елемент како што е завршена учебна година, а такви се и студентите кои биле на посета, такви небулози се работничка книшка, доказ за платена сметка. Доколку одиме во ЕУ треба да видиме како функционираат другите држави во ЕУ, кои бараат за да добиете државјанство да бидете резидентен граѓанин од 8 до 10 години – рече Мизрахи.
Во однос на пописот таа истакна дека методологијата и натаму останува спорна точка да се дискутира.
– Законското решение кое беше понудено за пописот тоа беше нецелосно и се чекаше методологијата да надополни одредени прашалници кои останаа отворени во законот кои се однесуваа пред сѐ на резидентно и нерезидентно население, а методологијата остана да биде и понатаму дискутирана Секако дека и понатаму дека ќе се дискутира за методологијата, бидејќи истата претставува подзаконски акт што значи дека е менлива – рече Мизрахи.
За причините зошто спикерот на Собранието Талат Џафери ја врати интерпелацијата Мизрахи изјави:
– Интерпелацијата беше вратена иако истата беше доставена на ист начин како што беа доставени сите останати интерпелации во Собранието и таа е вратена заради усогласување со членот 136 од Деловникот на Собрание на Република Македонија. А, членот 136 гласи – „Ако предлогот на законот не е подготвен во согласност со одредбите на овој деловник“. Од кога интерпелацијата според Џафери е предлог на закон?