34 семејства ќе добијат покрив над глава: Почна со градба трета социјална зграда во Кочани
Во изградбата се инвестирани 1 милион евра.
Во Кочани се гради трета по ред социјална зграда која ќе обезбеди покрив над глава на 34 семејства од социјално ранливи категории граѓани. Инвестицијата изнесува речиси 1 милион евра, а треба да биде завршена за 18 месеци.
Генералниот директор на АДИССДП, Кристијан Трајковски, кој заедно со Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изврши увид во почетокот на градежните работи, рече дека се надева дека и оваа како многу од претходните згради ќе биде завршена пред зацртаниот термин.
Тој најави и изградба на социјални згради и во наредниот период.
– Веќе е започната и изградбата на социјалната зграда во Пехчево, а до крајот на месецот се очекува да се започне со изградба и на објектот во општина Сарај. Двете згради, кои ги најавивме претходно, во Прилеп и во Штип, за кои веќе се доставени сите проектни документации, очекувам во месец октормври да започнеме со изградба и со нивното завршување го заокружуваме проектот Ф/П 1674 – рече Трајковски.
Тој информира дека во октомври по завршувањето на зградите ќе се потпише нов проект со Банката за развој при Советот на Европа, кој треба да обезбеди изградба на објекти од овој тип на уште 20 локации.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека по изградбата на зградите ќе се распише и оглас за распределба на становите.
– Овој објект на кој денеска се наоѓаме е соработка меѓу АДИССДП и Министерството за транспорт и врски. И не само овде во Кочани, ги завршивме и зградите во Виница и Пробиштип, Свети Николе и Гостивар и откако ќе бидат комплетирани сите административни постапки ќе распишеме и јавни огласи за распределба на овие станови -рече Бочварски.