ВМРО-ДПМНЕ: Владата акредитирала Великотрновски универзитет кој е двојно полош од УКИМ

Акредитирањето на нов Универзитет на кој наставата ќе се одвива претежно на бугарски јазик создава слика дека Мила Царовска и Зоран Заев воопшто не се грижат за македонските национални интереси, напротив продолжуваат да ги распродаваат, вели Стојкова Серафимовска.

984

Со усвојувањето на одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа Великотрновски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново од  Бугарија, на територијата на Македонија, Владата повторно ги става Македонија и македонската јавност во подредена положба, односно повторно прифаќа сѐ што се бара од нашиот источен сосед, токму како и во сите преговори, без соодветен реципроцитет, обвини денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска.

– Ние велиме „Да“ за квалитетно образование, „Да“ за влез на квалитетни и високо рангирани светски универзитети кои ќе го подобрат нивото на македонското високо образование, но, според сите релевантни светски листи на рангирање, Универзитетот во Велико Трново е двојно полош од македонскиот УКИМ и за преку илјада места полош од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оттука, каква корист има Република Македонија од отворањето на оваа странска институција­? – прашува таа.






Пратеничката посочува дека со оваа одлука Владата крши три Закони и тоа: Законот за авторски права и индустриска сопственост, Законот за установите и членови од Законот за трговски друштва.

– Акредитирањето на нов Универзитет на кој наставата ќе се одвива претежно на бугарски јазик создава слика дека Мила Царовска и Зоран Заев воопшто не се грижат за македонските национални интереси, напротив продолжуваат да ги распродаваат – вели Стојкова Серафимовска, која посочи дека со овој потег Владата отстапува простор за директно индоктринирање на младите со познатата реторика на источниот сосед и дополнително намалување на квалитетот на образованието во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека најголемиот дел од експертите во оваа област, вклучително и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, јавно искажале сомневање во оваа одлука и повикале на почитување на законите.

– Ги повикуваме сите правни субјекти да ја преиспитаат оваа владина одлука и да стават крај на непочитувањето на законите во Македонија и уништување на достоинството на македонските граѓани – рече таа.

 

Поврзани содржини