Битиќи за набавката на владините возила: Оперативниот лизинг е стандард во светот, и јас го користам
Вицепремиерот тврди дека оперативниот лизинг е секогаш поевтин отколку да купиш возило и да го амортизираш и понатаму да не знаеш што да правиш со железото кое ќе остане.
Оперативниот лизинг е стандардна форма во целиот развиен свет во која одржуваш добар возен парк, кој овозможува сигурност, и секогаш е поевтин отколку да купиш возило и да го амортизираш и понатаму да не знаеш што да правиш со железото кое ќе остане, изајви вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во врска со реакциите на јавноста поврзани со набавката на владата за 45 возила.
– Правевме одредени анализи кои укажуваат дека товарот на евентуалното купување и одржување на возило е речиси двојно поголем отколку оперативен лизинг. Лично сум еден од корисниците на лизинг во изминатите 12 години, но има разлика кај физички и правни лица. Поволностите за правните лица се многу поголеми, се борам и сум се борел во минатото и за физичките лица да бидат исти – изјави Битиќи.
Тој, како што рече, се води од принципите на ефикасност на средствата кои ги троши.
– Сметам дека таквите параметри и сега беа водечки во одлуката Владата да набави нови возила преку оперативен лизинг – рече Битиќи.