Владата продолжува да се расправа со Пауновски, а тој добива аплаузи од јавноста
Портпаролот на Владата на Твитер објави дека Пауновски, наводно бил детално информиран за неговото непостапување.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, во изјава за Алсат ТВ, вели дека не добил никакво укажување од Владата за неговото однесување, откако Владата како што објавивме вчера, а и денеска излезе со тврдење дека тој бил писмено известен за сите детали во врска со оправданоста на распределбата на рамковно вработените, како и дека тој не ја почитувал законската обврска.
Портпаролот на Владата на Твитер денеска објави дека Пауновски, наводно бил детално информиран за неговото непостапување.
„ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и за информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања. Во меѓувреме не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици“, пишува на твитер профилот.
Во меѓувреме, колегите на Пауновски, потпишаа петиција со која му даваат поддршка на својот директор кој ја добива и од јавноста во очекување утре да има средба со премиерот Заев.