Претрес во куќата на ексгенералот на ОНА, Гзим Острени: Бараа оружје, ме најдоа мене!
Сите бевме дома, јас, сопругата, синот, невестата и внучињата. Ја претресоа целата куќа. Но, не се вознемиривме бидејќи немавме причина за тоа, ништо нелегално не сме направиле. Но полицијата треба да е поодговорна и постручна, а не информации да собира од улични хулигани, вели Острени за Плусинфо.
Полиција вчера извршила претрес во куќата на ексгенералот на ОНА и поранешен близок сопартиец на Али Ахмети, Гзим Острени, по сознанија дека во неговата куќа во Дебар има нелегално оружје.
Острени за Плусинфо потврди дека со налог од кичевскиот Суд вчераутро полицајци ја претресле неговата куќа, но дека ништо не нашле.
– Точно е. Полицијата вчера со налог од судот во Кичево влезе во мојота куќа и ги претресоа сите соби, но не најдоа ништо. Сомневањата биле дека во куќата нелегално чуваме оружје. Место оружје ме најдоа мене – ни изјави Острени револтиран од претресот.
Тој вели дека изминативе 10 дена полицијата извршила претреси во повеќе куќи во Дебар.
Острени ѝ забележува на полицијата дека треба да има поиздржани информации и сознанија пред да влезе во нечиј дом и да прави претрес. Сепак, тој додава дека полицајците кои ја опколиле неговата куќа и тие кои влегле дома коректно си ја извршиле задачата.
– Сите бевме дома, јас, сопругата, синот, невестата и внучињата. Ја претресоа целата куќа. Но, не се вознемиривме бидејќи немавме причина за тоа, ништо нелегално не сме направиле. Но полицијата треба да е поодговорна и постручна, а не информации да собира од улични хулигани. Треба да се промени тоа. Откако ништо не најдоа и не добија верификација на нивната информација, ми се извинија. Што извини? Треба да сменат нешто, ова се застарени методи – вели Острени.
Според информации на Плусинфо, поради потврдени сознанија дека еден од синовите на Острени поседувал нелегално оружје е извршен претресот во куќата на Острени и на уште едно лице.
Острени потсетува дека по конфликтот во 2001 година јавно се залагал за собирање на оружјето во Македонија.
Острени по конфликтот во 2001 година и трансформацијата на ОНА во политичка партија ДУИ, долги години беше генерален секретар на партијата. Тој беше и потпретседател на Собранието. По несогласувањата со Ахмети и политиките на ДУИ во 2015 година ја формира партијата Унитети.