Трајанов: За тешки кривични дела од организиран криминал да нема застареност
Задолжително да се конфискува капиталот стекнат на криминален начин и да се изрекува заштитна мерка забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години, предлага Трајанов.
Да нема застареност за тешки кривични дела од организиран криминал и висока корупција доколку делата се поврзани со злоупотреба на власта предлага Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз.
„Прво, да се донесе закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Во законот да се предвиди да нема застареност за тешки кривични дела од организиран криминал и висока корупција доколку делата се поврзани со злоупотреба на власта. Натаму задолжително да се конфискува капиталот стекнат на криминален начин и да се изрекува заштитна мерка забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години“, предлага Трајанов.
Тој додава дека со овој закон треба да се предвиди формирање Агенција за борба против организиран криминал, со надлежности да работи на откривање и спречување тешки облици на криминал и висока корупција, да го открива скриениот имот на носителите на високи државни и политички функции, како и на други лица инволвирани во тежок криминал, да ги координира активностите на сите институции надлежни за откривање и спречување тешки облици на криминал (МВР, АНБ, АР, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, УЈП и др.), да постапува по барања на ДКСК итн. Агенцијата треба да има законска обврска, оперативно да истражува и спречува злоупотреби при јавните набавки со вредност од над 300.000 евра.
„Директорот да го бира борд од 15 експерти, универзитетски професори, претставници од невладиниот сектор, медиумите и парламентот, со мандат од седум години. Вработените да имаат посебни права и овластувања, да се експерти и со силен интегритет и добро платени. Во Агенцијата да се вработат не повеќе од 40 експерти, а за тој број да се намалат работни места во другите институции и финансиски средства. Второ, поради целосна департизација и деполитизација на администрацијата, да се забрани членство во партии на вработените во МВР и другите безбедносни институции и други институции кои работат на сузбивање на криминалот. Вработувањето во државната и јавната администрација да се одвива врз основа на јасни цврсти критериуми, при што да се предвиди кривична одговорност, казна од најмалку три години затвор, за секој што ќе ја злоупотреби власта при вработување“, се наведува во предлогот на Демократскиот сојуз.