Мицкоски од Инфективна: Поминав многу тешки 12 дена, а сега излегувам од цитокинска бура
Тој вели дека е навистина жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот „Фејсбук“ профил сподели низ што досега поминал во битката со опасниот коронавирус, 13 дена откако објави дека е позитивен на ковид-19.
– 13 ден откако сум ковид позитивен. Поминав исклучително тешки 12 дена, велат излегувам од т.н., цитокинска бура, интерлеукин 6 се намалувал. Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам. Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен. Сакам да упатам јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје. Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови – напиша Мицкоски.
Тој вели дека е навистина жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу.
– Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини. Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност – додава Мицкоски.