ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да не глуми лудило и да даде оставка зашто знаел и дозволил Мијалков да избега
Опозициската партија смета дека Сашо Мијалков побегнал со помош на луѓе од власта.
Власта знаела два дена дека Сашо Мијалков ќе бега и не презела ништо за да го спречи, а сега најодговорниот за тоа Оливер Спасовски глуми лудило и не поднесува оставка, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако министерот за внатрешни работи изјави дека не чувствува одговорност за бегството на Мијалков.
Од партијата велат дека Мијалков бил брифиран од луѓе во владата, и ѝ поминал пред нос на полицијата која го следела.
– Оливер Спасовски денеска кажа тоа што вчера го изјави Вилма Русковска. Власта знаела цели два дена дека Мијалков ќе бега и не преземала ништо за да го спречи.Според изјавата на Спасовски, Мијалков бил комотен и се шетал сосема слободно, за да и побегне на полицијата во 5 до 12. Самиот факт што тоа е така, значи дека Мијалков е брифиран за секое движење и секоја акција од страна на врвот на власта – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Мијалков не можел да избега без помош од Спасовски, особено, ако се точни наводите дека Мијалков бил цело време следен од полиција.
-Тука Спасовски сам падна во замка во обид да се вади. Исплашениот Спасовски наместо да се правда, веднаш да понесе одговорност. Да признае вина и да си даде оставка- додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.