Каракачанов, не го признавај пописот ако нема 20 отсто Бугари во Македонија!

Ако е вистина тоа дека ние, Македонците, сме неосознаени Бугари, ако навистина сме еден народ (бугарски, нормално) поделен во две држави, мислам дека нема да биде никаков проблем тоа да се потврди и на пописот.

7,638

Имам конкретен предлог до Красимир Каракачанов, вториот човек на владата во Софија. Идеја како трајно да зајакне влијанието на Бугарија во Македонија и еднаш засекогаш да се докаже бугарското потекло на Македонците.

Како што Каракачанов веројатно знае, македонскиот Устав предвидува широк опсег на колективни права за етничките заедници кои сочинува 20 отсто од населението во Македонија. Таков статус сега има албанската етничка задница, како единствена која го задоволила условот. Затоа нејзината политичка елита нема да дозволи на претстојниот попис во април да бидат избројани помалку од 20 отсто Албанци.






Официјална Софија тврди дека освен оние стотина илјади Македонци коишто имаат бугарски пасоши (а тоа значи дека и писмено се изјасниле дека се од б’лгарски происход) и освен оние што веќе се изјаснуваат како Бугари, сите други Македонци сė уште не осознале дека имаат бугарски корени. Еве шанса за Каракачанов и за сите што го споделуваат ова мислење, со една жестока кампања да убедат што повеќе Македонци да се попишат како Бугари!

Ако е вистина тоа дека ние, Македонците, сме неосознаени Бугари, ако навистина сме еден народ (бугарски, нормално) поделен во две држави, мислам дека нема да биде никаков проблем тоа да се потврди и на пописот. Кога ако не сега? Ова е историска шанса, на следната ќе треба да се чека најмалку десет години.

Уште сега Каракачанов треба да грмне – не го признавам пописот ако не покаже дека во Македонија има најмалку 20 отсто Бугари!

И ако тоа се покаже како точно, бугарскиот јазик ќе стане трет официјален јазик во Македонија, рамноправен со македонскиот и со албанскиот. Македонските Бугари ќе добијат државни универзитети, квоти за вработување во државната администрација, посебно место во политичкиот живот, пратеници и министри, а еден ден можеби и министер президент на Македонија.

Какво едноставно и елегантно решение за сите проблеми!

Пописот, нормално, ќе се спроведе по европски терк и секој Македонец што се осознал како Бугарин ќе може да се попише како таков.

Мислам дека Каракачанов треба да го земе предвид овој предлог и наместо да ја забавува јавноста со своите провокативни изјави од кои нема фајде, да фати малку посериозно да поработи на случајот.

Поврзани содржини