Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска дека досега во Србија се вакцинирани 9.300 лица, корисници на домовите за стари лица и здравствени работници, најавувајќи дека во план е забрзување на вакцинацијата и создавање услови за масовна имунизација, јави дописникот на МИА од Белград.
– Србија до крајот на јануари ќе има два милиона вакцини од различни производители, вклучувајќи ги и количините што пристигнаа на крајот на декември. Во февруари се очекуваат дополнителни 1,3 до 1,5 милиони дози вакцини и се надевам дека во мај или јуни ќе можеме да ја завршиме вакцинацијата – изјави Брнабиќ.
Таа повтори дека Србија во моментов има договор за осум милиони вакцини, од различни производители, што е доволно за вакцинирање на четири милиони луѓе и најави пристигнување на кинеската вакцина.
– Релевантни кинески институции го одобрија извозот на вакцината „Синофарм“ во Србија. Добиваме и 18.525 дополнителни вакцини на „Фајзер“ и очекуваме 500.000 дози на „Спутник V“ – рече Брнабиќ.
Како што кажа, до крајот на идната недела на Белградскиот саем ќе биде отворен пункт за масовна вакцинација.
Брнабиќ најави дека утре наутро ќе заседава Кризниот штаб и дека ќе се разговара за мерките за влез во Србија, работата на училиштата и мерките за економијата.
Според последната одлука на српската Влада донесена пред новогодишните празници, влез во Србија за странци е дозволен само со негативен ПЦР тест, одлука чие важење истекува денеска.