Ќе се раскинуваат договорите за поддршка со инвеститорите кои не ги исполниле
Вицепремиерот за економски прашања, рече дека таму кај што обврските не се исполнети спогодбено се раскинуваат договорите.
Раскинувањето на договорите со странските инвеститори треба да се разбере како нормален тек зашто договорите за поддршка имаат права и обврски. Ако една страна не ги исполни обврските нормално треба да се увиди дали треба да се раскине договорот или не, порача денеска вицепремеирот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Ние кажавме дека владеењето на право е едно од основните начела на ова владеење и дека ќе постапуваме праведно и правично. Затоа сметам дека раскинувањето на договорите е во овој дух. Таму кај што обврските не се исполнети спогодбено се раскинуваат договорите – рече Битиќи.
Тој посочи дека некои од инвеститорите со кои се раскинати договорите најавуваат дека ќе дојдат пак за да потпишат договор за поддршка затоа што се креирани условите за понатамошно инвестирање од нивна страна.
-Ние не велиме дека нема да ги поддржиме, ќе ги поддржиме со обезбедени гаранции дека тоа ќе го направат, но во исто време имаме најави на доста компании кои или до крајот на годината или на почетокот на следната година ќе почнат со новите инвестиции. Интензивно веќе се гради еден од најголемите објекти, а тоа е „ДУРА Аутомотив“ со 100 милиони евра инвестиции кои ќе се случат најверојатно цела 2021 и почеток на 2022 година со нови 500-ини вработувања. Имаме низа такви компании кои се сериозни, се дел од глобалниот вредносен ланец и како такви ние соодветно ќе ги поддржиме. Тоа ќе изискува некои буџетски импликации, но за нас е битно дека преку поддршка на такви компании се поддржува извозот, се поддржува целокупното развојно стопанство – потенцира Битиќи.