Филипче за утре најави донација од 13.000 брзи тестови
Брзите тестови се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот ковид-19. Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето, најави министерот за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во вестите на телевизија Сител најави дека утре, во Министертсвото за здравство ќе пристигне донација од 13.000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот ковид-19. Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето.
– 13.000 брзи тестови коишто следната недела ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде што се прават тестирања. Тоа се брзи тест ови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање – рече министерот Филипче.
Освен оваа донација, Министерството за здравство со ребалансот на буџетот добива близу 40 милиони денари, со кои следниот период ќе бидат набавени околу 100.000 тестови, како би се одговорило на потребите на граѓаните.
Во врска со тоа дали нема повеќе да се чека шест до седум дена да се добие тест дури и кога некој има симптоми, тој рече дека кога имало потреба од итност никој не чекал, болниците имаат апарати за брзи тестови и веднаш реагирале.
– Тие кои имаа индикација за брз тест веднаш беа препраќани во болнички установи или во Институтот за јавно здравје, каде има апарати за брзи тестови. Токму затоа и ова надополнување на тестови кое почнува од средината на неделава, од вторник, среда, сите тестови кои ги добивме со донација ќе бидат веќе дистрибуирани по сите пунктови – потенцира Филипче.
На прашање дали има потреба да се искористат капацитетите на приватните лаборатории и државата да ги рефундира средствата, министерот посочи дека за тоа размислувале изминатата недела, но значаен број дополнителни термини се ослободиле во државните лаборатории.
– Приоритет ќе биде времето за кое ќе се стигне до тестот посебно на тие пациенти кои имаат индикација за брз тест. Ќе видиме како ќе биде системот со закажување и исполнување на термините посебно со брзите тестови и верувам дека до крајот на оваа недела ќе имаме јасна слика дали треба да ангажираме дополнителни капацитети од лаборатории кои се акредитирани од страна на специјалната комисија од Комисијата за заразни болести – рече Филипче.
Во врска со носењето маска на отворено рече дека кога е можно да се влезе во група луѓе и заради кашлање и кивање може случајно да се влезе во близок респираторен контакт тогаш маската штити од трансмисијата на вирусот.
– Со маската се штитите себеси и од студеното време кога треба секој да внимава на своето здравје и од загадувањето. Верувам дека сега со овие мерки, маски задолжително на отворено, немање можност да групирање, економските оператори кои работат, вклучително и угостителските објекти со соодветни протоколи ќе дадат резултат – додаде Филипче.