Со 650 илјади евра се реконструира трафостаницата Струмица 2
Директорката на АД МЕПСО Ева Шулева рече дека се заменуваат старите прекинувачи во преносната мрежа, кои беа во употреба повеќе од 50 години, со прекинувачи од најновата генерација.
Покрај големите инвестициски проекти за надградба на постоечката и изградба на нова мрежа, А.Д. МЕПСО посветено работи и на одржување и ревитализација на сите електроенергетски објекти, согласно годишните планови.Во трафостаницата Струмица 2 се заменуваат постоечките со нови прекинувачи, изјави за време на денешната посета директорката на МЕПСО Ева Шулева.
Проектот за реконструкција на трафостаница Струмица 2 е со вредност од 650 илјади евра и опфаќа замена на старите прекинувачи во преносната мрежа, кои беа во употреба повеќе од 50 години, со прекинувачи од најновата генерација.
– Новите прекинувачи припаѓаат на најновата генерација и се карактеризираат со способност за најкратко време да го изгаснат електричниот лак што се јавува при манипулација, вклучување и исклучување на прекинувачот. Како медиум за гаснење на прекинувачот користиме SF6 гас кој во пракса, во светски рамки, се покажа како најефикасен. Оваа активност е дел од проектот што А.Д. МЕПСО го финансира со сопствени средства во висина од 650 илјади евра и опфаќа набавка на 31 нови 110kV прекинувачи кои во рок од 2 години ќе бидат монтирани и ставени во функција. Постапката за замена на прекинувачите ја извршуваат наши квалитетни, специјално обучени и сертифицирани стручни кадри– рече Шуклева.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој исто така беше во посета на трафостаницата рече дека Владата и МЕПСО работат на унапредување и модернизација на капацитетите и преносната мрежа на електрична енергија, преку реконструкција и ревитализација на трафостаниците и водовите, со цел да се обезбеди подобар и постабилен систем на пренос на електрична енергија.
-Со инвестициите во енергетскиот систем овозможуваме стабилност на енергетскиот сектор, зголемен квалитет на преносот и снабдувањето со електрична енергија, како и поголема безбедност. Покрај реконструкцијата на трафостаницата Струмица 2, веќе е реконструирана и трафостаницата Струмица 1 која се поврзува на трафостаниците Сушица и Валандово, па сè до Бугарија – изјави Бочварски.