На денешното рочиште за „Насилство во Општина Центар“ обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за тројца обвинети меѓу кои и за поранешната советничка и експратеничка Даниела Рангелова
Од обвинение се ослободени и Борче Богдановски и Милан Андоновски.
За обвинетата Рангелова, Фетаи рече дека во текот на главната расправа произлегло дека од нејзините дејствија не произлегува делото за кое се товари.
– Од изнесените докази не се покажа нејзина инволвираност во делото и од тие причини не опстанува обвинението против неа – изјави Фетаи.
За сите обвинети, појасни Фетаи, од изнесените доакзи се покажа нивната инволвираност, освен Андоновски и Богдановски.
– Однесувањето на двајцата немаат таков интензитет на насилно однесување и од тие причини се откажувам од гонење против нив – изјави Фетаи.
Обвинителката Фетаи, го прочита прочистеното обвинение, според кое првообвинетиот Никола Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Миле Јанакиески побарал преку лицето Томислав Лазаров да организира група луѓе од централните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега осудениот Томислав Лазаров, кој призна вина, посочи таа, дал насоки поголема група да се организира и спречи пристигнувањето на градоначалникот Андреј Жерновски во општинската зграда, а под образложение дека ќе се гласа против изградба на црквата Св. Константин и Елена, која не била ниту на дневен ред.
– Груевски заедно со Јанакиески преку Лазаров ги поттикнале лицата Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Димче Крстев, Вангел Трифуновски, Митко Пецев (веќе осуден), Трајче Петковски и Игор Бошковски градоначалникот Андреј Жерновски да добие неколку шамари и биде исплашен од десетина лица на протест – посочи Фетаи.
Конечно, тоа што двајцата телефонски договараат, и се случува на 7 и на 10- ти 2013 година.
– Не само што протестираат, туку и ја кршат оградата и прозорците на општинската зграда. Единствено нешто што не се случува е тоа што загрижен граѓанин не удрил шамар на градоначалникот. Ова е единствено отстапување од замисленото дело. Настаните кои следуваат, само ја потврдуваат автентичноста на разговорот – изјави Фетаи.
Адвокатите од одбраната реагираа дека се прави повреда на постапката со продолжувавање на завршни зборови, по суштинска измена на обвинителен акт и бараа тоа да биде ставено на записник.
Обвинети во предметот остануваат Никола Груевски, Миле Јанакиески, Александар Трајковски и уште неколкумина кои одговараат за насилство. Од 14 обвинети сега 11-мина се товарат.
Тие се товарат за поттикнување и организирање насилни протести пред просториите на Општината кои биле организирани дека наводно се против запирање на изградба на црквата „Свети Констатин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови.