Децата од објектот Клон 1 во рамките на детската градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе денеска не беа примени, бидејќи вработена е со симптоми на ковид-19. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека се информирани родителите на децата. Инаку во овој објект денеска требаше да бидат згрижени 110 деца.
– Во овој објект поради појава на симптоми на ковид-19 на една од вработените во градинката која ги извршуваше подготвителните работи за прием на дечињата, а во согласност со Протоколот и Алгоритамот од Министерството за труд и социјална политика за постапување, бевме принудени денеска да не ги отвориме вратите за прием на дечињата во Клон 1. Додека не добиеме официјални резултати од тестирањето на вработената и епидемиолошка слика за нејзините контакти, овој објект нема да го пуштиме во функција – вели Велковски.
Тој истакна дека од денеска во рамките на градинката ги отвориле вратите за дечињата од Клон 2, каде што биле пријавени вкупно 41, а утринава се донесени 26 деца, додека во село Лозово од пријавените 15, само девет се донесени од страна на родителите.
– Здравјето и заштитата на нашите најмили и на вработените ни е во прв план, особено во вакви чувствителни моменти – вели Велковски.