До полноќ Македонија добива нова влада

Пратениците ќе се состанат во 12 часот на продолжението на седницата, а како што најави синоќа Џафери, прв говорник треба да биде пратеникот од мнозинствто, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

395

Во Собранието на Северна Македонија денеска продолжува собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев. Пратениците ќе се состанат во 12 часот на продолжението на седницата, а како што најави синоќа Џафери, прв говорник треба да биде пратеникот од мнозинствто, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.






Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.

Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ги достави во средата. Покрај него како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Заев вчера во текот на изложувањето на експозето рече дека ќе нема компромис за министрите ако некој го прекрши законот, а ако се прекршат етичките норми очекува оставка или ќе има разрешување. Им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.

– Имате привилегија во вашата работа да донесете добро за нашата држава и за нашиот народ. Искористете ја. Очекувам посветена работа и целост да се вградите и да водите процеси кои носат трансформација на подобро и никогаш не заборавајте дека секој од вас е одговорен и пред граѓаните и пред законите нема толеранција за прекршување на законите или етичките норми без разлика на функцијата која ја извршувате. Со тоа немало и никогаш нема да има компромис. Ако некој го прекрши законот ќе одговара. Ако се прекршат етичките норми очекувам оставка или ќе има разрешувања, рече Заев.

Тоа, како што рече, се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација.

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа на 15 јули. Поради состојбата со коронавирусот се гласаше три дена, под строги здравствени протоколи.

 

Поврзани содржини