Преку соопштение до средствата за јавно информирање, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска ги покани претседателите на албанските парламентарни партии на средба којашто ќе се одржи в четврток во Скопје, на годишнината на Охридскиот договор.
Во соопштението се наведува:
„Поздрав почитувани претседатели на албанските парламентарни партии, Африм Гаши – Алтернатива, Билал Касами – Беса, Зијадин Села – АА и Мендух Тачи – ДПА. Се надеваме дека поракава ќе ве најде здрави и добри. Во име на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по оддржаните предвремени парламентарни избори на 15 Јули 2020 година, имаме чест да ве поканиме на заедничка средба. Ве покануваме средбата да ја реализираме на годишнината на Охридскиот рамковен договор, на ден четврток, 13 Август 2020 година, со почеток во 12:00 часот, во хотелот Парк во Скопје. Ве молиме да нè информирате околу вашата готовност за оваа заедничка значајна средба“, се вели во соопштението од ДУИ.