Христоски: Дали Мизрахи и коњаницата синоќа дивееле и ги вознемириле крушевчани?

4,765

Дали Рашела Мизрахи со нејзините приврзаници, дел од коњаницата синоќа во Крушево дивееле и стварале немир врз мирољубивото население во Крушево?

И покрај тоа што им беше укажано да останат во своето престојувалиште на Гумења моите информации говорат дека после повеќе нарушувања на ЈРМ со карање, физички напади, меѓусебни тепачки, групирања, забави, а со тоа и непочитување на мерките, препораките и протоколите, реагирала полицијата за што се преземени соодветни мерки против сторителите, напиша крушевскиот градоначалник Томе Христоски на својот профил на Фејсбук.






„Зарем на овој начин со сквернавење на празникот ги почитувате нашите илинденци и дали на ваков начин им се оддолжувате за нивната борба за слобода?

Дали ќе се оградите и ќе ги демантирате или барем осудите ваквите наводи?

И покрај неколку мои укажувања, предупредувања, повици, сакам уште еднаш да ги повикам граѓаните, особено коњаницата на мирно и достоинствено чествување на празникот Илинден.

Во Крушево нема место за насилници, вандали и нивно нечовечко однесување со демонстрирање сила или моќ врз мирното население во пресрет на празникот“, порача Христоски.

МВР потврди дека во 2 часот по полноќ добила пријава дека синоќа на Гумење дошло до инцидент помеѓу лица кои со коњаницa од скопско Лисиче пристигнале во Крушево и и еден крушевчанец од друга страна.

„Во Полициска станица Крушево утрово во 02.05 часот било пријавено дека на место викано „Гумење“ во Крушево дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.К.(33) од Крушево од една страна, и Х.Ј.(18), Ј.Ѓ.(22), А.Н.(19), Б.Ј.(41) и 16 годишен малолетник сите од Скопје, кои биле дел од групата која дошла со коњицата од скопско Лисиче, од другата страна, при што заради спречување на физичката пресметка, полициски службеник од Полициска станица Крушево од службениот пиштол испукал еден предупредувачки куршум“, се наведува во соопштението од МВР.

 

.

Поврзани содржини