Османи и Бектеши за протестот на опозицијата: Срамно е да протестираш против народот кој не те гласал
Невиден срам, го етикетирате својот народ. Ова сублимирано се реакциите на функционерите на ДУИ Бујар Османи и Крешник Бектеши за синоќешниот масовен протест на Алијансата за Албанците и Алтернатива за демократија и против кражба на гласовите.
–Ако немаш срам, прави што сакаш. Да го етикетираш својот народ пред светот само за да бегаш од одговорноста за неуспехот е плафонот на срамот на оваа тинејџерска политика. Во услови кога ниту еден нивен преставник, или на било кој друг субјект, ниту еден преставник на невладините организации, ниту еден преставник на ОБСЕ/ОДИХР не констатирал ниту една забелешка за изборниот процес, срамно е да протестираш против народот кој не те гласал – пишува на Фејсбук Бујар Османи.
Сопратиецот Крешник Бектеши од карантин во кој е поради позитивниот тест на ковид-19 констатира дека протестот на опозициските партии е срамен.
–Во карантин, слушајќи невиден срам до денеска. Срам да ви е, ама срам, срам, срам… Албанците ниту се купуваат ниту се продаваат, пусти да сте, туку достоинствено и гордо на секого му го кажуват местото кај им е, се огласи на Фејсбук Бектеши.
Коалицијата на Алијансата и Алтернатива од протестниот марш порачаа дека држава што ги почнува преговорите за членство во Европската Унија не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основно човечко и политичко право во ЕУ.
Лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во обраќањето пред делегацијата на ЕУ од маршот упатија две барања до земјите – членки на ЕУ: да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик.