Изборната програма на Демократскиот сојуз за овие избори оди под мотото „За Европска Македонија“. Дводецениско залагање на ДС за европски вредности и стандарди во Македонија е причината што на овие избори партијата настапува заедно со коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, истакна денеска Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС, кој најави одржување на шестиот конгрес на партијата.
– Демократскиот сојуз оваа година одбележува јубилеј 20 години од формирањето на партијата, а тоа се совпаѓа со предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Веќе две децении Демократскиот сојуз е препознатлив по својата автентична политичка програма и енергичното залагање на нашиот претседател Павле Трајанов за создавање правна држава, борба против организираниот криминал и корупцијата, деполитизирани институции, слободни медиуми – рече Димитровски.
Од Демократскиот сојуз сметаат дека со членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, кои очекуваат да започнат до крајот на оваа година, во земјава конечно ќе почнат да се почитуваат високите европски стандарди на правдата, слободата и демократијата.
– Напредокот во европските интеграции го постигнавме со болни отстапки, но тој е најдобриот начин да ги надминеме сите проблеми со кои се соочуваме. Пред сѐ, здравствената и економската криза, но исто така да го реформираме судството, да ја направиме правдата еднаква и достижна за сите, да создадеме услови младите луѓе да останат да живеат во Македонија, да ги кренеме стандардите на демократијата – истакна Димитровски.
Од Демократски сојуз велат дека во изборната програма имаат оригинални решенија за сите овие предизвици, и се надеваме дека тие ќе станат дел од владината програма на победничката коалиција.
Демократскиот сојуз ќе го одржи својот шести конгрес в сабота на 11 јули во 11 часот пред Хотелот „Белви“ со почитување на сите заштитни мерки и здравствени протоколи. Конгресот ќе биде изборен, каде што ќе бидат избрани нови раководни тела на партијата, Централен совет и претседател.
Инаку, на листата на кандидатите за пратеници на коалицијата „Можеме“’ во ИЕ 4 е и претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.