Сугарески – Китанов: Изградба и обнова на преку 400 километри патна мрежа
Како што рече Сугарески, паралелно се работи и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река.
Се обновуваат 10 километри од регионалниот пат Алденци – Житоше. Инвестицијата вредна 320.000 евра е по барање на жителите и со неа исполнуваме уште еден од ветените владини проекти, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов кои денеска заедно со премиерот Оливер Спасовски и градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски извршија увид во работните активности.
Како што рече Сугарески, паралелно се работи и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река.
– Овој пат јас го ветив пред граѓаните и ова е нашето исполнување. Активно работиме и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река. Кога сме кај Крушево, сакам да истакнам дека покрај во патната мрежа, инвестираме и во подобрување на комуналната инфраструктура. Завршивме со проектите за подобрување на водоснабдувањето во Борино и Саждево и при крај сме со изградба на канализацијата во Норово. Дополнително, со Општината работиме и на проектот за подобрување на водоснабдувањето во Јекреново, така што целосно ќе ги реалзираме проектите што ги имаме во програма за Крушево – напомена министерот.
Според него, сите планирани капитални инвестиции ќе се реализираат со предвидената динамика.
– Сè што ветивме во владината програма, активно го работиме на терен: преку 400 километри патишта, дваесетина проекти за канализации и водоводи, изградба на магистралниот гасовод и други капитални проекти. Оваа Влада покажа како треба да се работи, цела држава е едно огромно градилиште и уверувам дека со исто такво темпо ќе продолжиме да работиме и понатаму – подвлече Сугарески.
Директорот дополни дека се работи и на регионалниот пат Лажани – Житоше.
– Сите овие проекти се во Програмата на ЈП за државни патишта уште од 2019 година и немаат никаква врска со изборите што следуваат. Проектите предвидени за овој регион, за дел од кои тендерите се веќе објавени, а дел ги објавуваме следниот месец, се реализираат преку Европска банка за обнова и развој и се проектираа најмалку една година. Граѓаните можат да очекуваат почеток на рехабилитација на регионалните патни правци Крушево – Демир Хисар, Кривогаштани-Крушево, Битола-Демир Хисар, Другово-Демир Хисар и Кичево – Македонски Брод. Во целиот овој регион од Кичево и Македонски Брод до Крушево, Демир Хисар и Битола интензивно ќе се гради за доброто на сите граѓани – рече Китанов.