Ревизија: М-НАВ плаќа илјадици евра пенали за кредит од ЕБОР, прескапи адвокатски услуги, вработувал незаконски

До 31.12.2019 година повлечени се вкупно 3.275.570 евра, пишува во извештајот на ревизорите.

706

Низа незаконитости и пропусти во работењето на акционерското друштво М-НАВ утврди државнот ревизор по контролата на финансиските извештаи на друштвото за 2018 година. Во М-НАВ, според ревизорот, неколку години со ред не се искористуваат парите од кредитот земен уште во 2013 година, незаконски се вработувало и се давале плати, се трошело гориво повеќе од потребното, плаќани се огромни пари за адвокатски услуги и згора на сѐ, Надзорниот одбор е некомплетен.

Од Државниот завод за ревизија (ДЗР) укажуваат дека М-НАВ уште во 2013 година зел кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 11,2 милиони евра за финансирање на Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација, и дека по низа пролонгирања на роковите за користење на заемот досега се искористени минимални средства, а се плаќаат пенали за неповлечените пари.






„До 31.12.2019 година повелечени се вкупно 3.275.570 евра“, пишува во извештајот.

Ревизорите укажуваат дека поради пролонгирањата и некористењето на заемот, М-НАВ сѐ уште ги нема ставено во оперативна функција потребните системи.

Според ревизорот, низа неправилности има во јавните набавки. Управниот одбор во текот на 2018 година 16 пати го менувал планот за јавни набавки и од првичните 140 планирани постапки за јавни набавки вредни околу 318 милиони денари, тие биле зголемени на 169 постапки вредни 360 милиони денари.

Од нив, во текот на 2018 година биле извршени само 56 постапки со вкупна вредност од околу 100 милиони денари, што е реализација од 27,8 отсто.

Дополнително, без да се спроведат соодветни постапки на набавки биле потрошени околу 3,7 милиони денари, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Оттаму посочуваат и дека просторија на М-НАВ била издадена за ресторан без да се запазат процедурите за јавно наддавање и процена на пазарна вредност на закупнината.

Во однос на вработувањето во ова државно друштво ревизорот констатира дека во 2018 година во М-НАВ биле вработени 22 лица, а пет од нив биле прераспределени на работни места за кои не ги исполнуваат условите предвидени со правилникот за систематизација на работните места.
Незаконски се вршела и исплатата на надоместоците на плати, а на вработените не им се плаќала прекувремената работа.

„Врз основа на одлука на УО, во јули 2018 година исплатени се додатоци на плата за прекувремена работа за 2017 во вкупен износ од 329 илјади денари (околу 5.300 евра – н.з). Истите се пресметани во износ од 29 отсто од основната плата, наместо основната плата зголемена за 29 отсто, што не е во согласност со член 55 од Колективниот договор… Иако вработените во 2018 оствариле повеќе работни часови од полното работно време, до денот на ревизијата не им е исплатен додаток за прекувремена работа. Поради недостиг од персонал, воведувањето на прекувремената работа се прави со распоред за работа во смени, без одлука, што не е во согласност со члем 117 од Законот за работни односи“, констатира ревизорот.

Ревизорот, исто така, утврдил неправилности и при ангажманот на адвокати на Друштвото. Овие услуги, се наведува во Извештајот се обезбедувале без соодветни спецификации за цената и тоа ги надминало планираните пари.

Утврдени се и неправилности во однос на сопственоста на земјиштето со кое располага М-НАВ. Исто така, утврдено е дека не е утврдена вредноста на дел од земјиштето сопственост на Друштвото, а дел од површините со кои располага М-НАВ не се евидентирани во трговските книги.

Според Извештајот, во 2018 година одредени корисници на службени возила не ги почитувале интерните акти.

„Имено, во 2018 година, пет службени возила имаат изминато 179.848 километри, за кои според просечната потрошувачка на гориво утврдена со техничките спецификации на возилата, потребни се вкупно 11.638 литри. За наведените возила потрошени се вкупно 28.002 литри гориво во вредност од 1.743 илјади денари (над 28 илјади евра – н.з.), што е за 58 повеќе од потребните количини, односно направени се повеќе трошоци за гориво во износ од 1.011.000 денари (над 16 илјади евра)“, се констатира во Извештајот.

Иако М-НАВ во финансискиот план испланирал 700 илјади денари да потроши за адвокатски услуги, се потрошени три пати повеќе, односно 2,3 милиони денари, а притоа не била направена измена на финансискиот план.

Ревизорите нашле неправилност и во постапката на давање под закуп на ресторанот, кој се наоѓа во објектот на М-НАВ, во кој закупецот инвестирал средства, но нема добиено писмена согласност за да ја почне инвестицијата.

Ревизорот целата одговорност за работењето ја насочува кон управниот одбор во состав: Николче Тасески, претседател, Владко Крстевски, член и Миѓен Селмани, исто така, член.

Управниот одбор во одговорот на забелешките на ревизијата дел од забелешките прифаќа, но во делот за користење на кредитот од ЕБОР наведува дека М-НАВ континуирано презема активности и постапки по насоките на ЕБОР и презема активности за решавање на спорот со земјиштето на кое треба да се гради зградата од проектот за новиот АТМ системот. Во преговорите со ЕБОР, како што се наведува, била вклучена и владата, а во опција е и воспоставување на АТМ систем без изградба на нова зграда,  новиот МОДЕ С радар да се постави на државно земјиште. За тоа во 2018 година е реализиран и тендер.

Поврзани содржини