Спасовски: Посакувам никогаш да не ги донесеме најдрастичните и најтешките мерки
Апелирам до граѓаните да не постапуваат неодговорно со цел да видат дали имаме уште мерки. Колку поодговорни ќе бидат граѓаните, толку и мерките ќе бидат полесни и помали би биле негативните ефекти врз економијата во државата, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.
Имаме изработени сценарија и можеме да спроведеме уште мерки, но тоа не значи дека граѓаните треба да се однесуваат неодговорно само за да видат дали имаме уште мерки, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.
– Апелирам до граѓаните да не постапуваат неодговорно со цел да видат дали имаме уште мерки. Колку поодговорни ќе бидат граѓаните, толку и мерките ќе бидат полесни и помали би биле негативните ефекти врз економијата во државата. При носењето на сите овие мерки истакнуваме дека зависно од тоа како ќе се однесуваат граѓаните и колку ќе ги почитуваат, толку повеќе и мерките ќе бидат зајакнати или ќе се намалуваат. Ако на некој граѓанин му е определено да биде во самоизолација, тогаш нека остане во самоизолација. Ако за некој граѓанин е определено ограничување во движењето, тогаш нека го почитува тоа. Тоа е најголем патриотизам и херојство во овој период. Сите луѓе што ќе почувствуваат симптоми, треба да бидат искрени со лекарите. Искреноста е половина од спречувањето на ширењето на коронавирусот. Во овој период имавме секакви манифестации на луѓе кои не се искрени кои се однесуваат ноншалантно. Секој нов сет мерки значи ново отрезнување за тоа што значи сериозноста кон пристапот за справување со коронавирусот. Јас посакувам никогаш да не ги донесеме најдрастичните и најтешките мерки кои ќе имаат сериозно негативни ефекти за државата и за граѓаните – рече Спасовски.