📽️ 9 АВИОНИ НАД ЛОНДОН КРЕНАА ПАНИКА НА ЕВРОПСКОТО НЕБО Блокирана писта на Гетвик направи домино ефект
Домино ефект по технички проблем на авион на „Бритиш ервејс“ доведе до вонредни процедури, пренасочувања и црвени радарски екрани над еден од најпрометните воздушни коридори во Европа.
Невообичаена ситуација го погоди воздушниот простор над Лондон кога дури девет патнички авиони прогласија вонредна состојба или го активираа кодот 7700, познат како „Squawk 7700“.
Причината не била серија дефекти во воздухот, туку блокирана писта на аеродромот Гетвик, која предизвикала синџир на проблеми за десетици летови што чекале дозвола за слетување.
Слетал, останал на пистата, следувало хаос
Сè започнало кога авионот BA2673 на „Бритиш ервејс“, кој летал од Палма де Мајорка кон Лондон, побарал помош од спасувачките служби по слетувањето. Леталото безбедно слетало, но останало на пистата, што привремено го запрело нормалниот сообраќај на Гетвик.
„Нашиот авион слета безбедно, а патниците нормално се симнаа откако беше пријавена техничка грешка“, соопштила авиокомпанијата.
Според сведоштва објавени на социјалните мрежи, проблемот најверојатно бил поврзан со опремата за слетување. По запирањето, авионот бил опколен со противпожарни возила и амбулантни екипи.
Црвени екрани над Велика Британија
Додека пистата била блокирана, авиони кружеле во таканаречени шеми на чекање над јужна Англија. Според податоците на Flightradar24 и специјализирани воздухопловни извори, дел од екипажите почнале да пријавуваат вонредна состојба поради намалување на резервите на гориво.
Кодот 7700 не значи секогаш непосредна опасност по животот на патниците. Тој се користи за општа вонредна состојба и може да биде активиран поради технички проблеми, медицински случаи, оперативни потешкотии или недостиг од гориво.
Меѓу летовите што прогласиле вонредна состојба биле авиони на „Бритиш ервејс“, „Изиџет“, „Џет2“ и „ТУИ Ервејс“, кои пристигнувале од Верона, Рим, Валенсија, Ланзароте, Родос, Тенерифе и од други дестинации.
Уште 14 пренасочени летови
Покрај деветте авиони што активирале вонредни процедури, уште 14 летови не успеале да слетаат на Гетвик. Пет авиони биле пренасочени кон Лутон, четири кон Станстед, а три кон Бирмингем.
По еден лет завршил на Хитроу и во Бристол.
Инцидентот уште еднаш покажа колку брзо проблем на една писта може да предизвика сериозни последици во еден од најгусто оптоварените воздушни простори во светот.