6 АВТОПАТИ СЕ ГРАДАТ, 1.200 ПРОЕКТИ СЕ РЕАЛИЗИРААТ Првите 10 километри од автопатот Прилеп-Битола ќе бидат пуштени догодина
Првите 10 до 11 километри од автопатот Прилеп-Битола треба да бидат пуштени во употреба во првата половина на следната година. Владата во моментов реализира 6 автопатски проекти и околу 1.200 локални инфраструктурни зафати низ државата.
Првите 10 до 11 километри од автопатот Прилеп-Битола треба да бидат пуштени во употреба во првата половина на следната година. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во поткастот „Радар“.
Тој истакна дека во Македонија во моментов истовремено се градат 6 автопати. Според него, ваков обем на изградба досега не бил забележан ниту во државата ниту во регионот.
17 километри веќе се пробиени кај Гостивар-Букојчани
Осврнувајќи се на автопатот Гостивар-Букојчани, Николоски рече дека работите се одвиваат подобро од очекуваното.
– Иако се работи за ултракомплициран терен, немаме проблеми со експропријација ниту со пристап до градилиштето. Од 31 километар, колку што ќе биде долг автопатот, веќе се пробиени 17 километри. Ова е првиот автопат во Македонија што се гради истовремено од двата краја, од правец на Гостивар и од правец на Букојчани и ќе го скрати патувањето за околу 15 километри – изјави Николоски.
Тој очекува делницата да биде завршена во втората половина на 2029 година. Автопатот Тетово-Гостивар, според него, ќе биде готов и порано.
За автопатот Кичево-Охрид рече дека се изградени 37 километри. Во сообраќај веќе се пуштени 34 километри, а летово се очекуваат и нови делници.
Скопје-Блаце доби грант од 31 милион евра
Николоски потсети дека за автопатот Скопје-Блаце е потпишан договор за грант вреден околу 31 милион евра.
Тој посочи дека е избран „Гранит“ како изведувач. Оцени дека тоа е добра вест за домашната градежна оператива.
Во следните денови се очекува и избор на изведувач за делницата Букојчани-Кичево, долга 12 километри.
– Проектот ќе се реализира со поддршка од Европската банка за обнова и развој и очекувам во следните десетина дена да биде избран изведувачот, по што ќе започне изградбата – рече Николоски.
Паралелно се реализираат и 1.200 локални проекти
Николоски соопшти дека низ општините во моментов се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти со поддршка од Владата.
– Убаво е да зборуваме за брза пруга, автопати, експресни патишта и аеродроми, но прво луѓето кога ќе излезат од дома гледаат дали газат во кал, дали имаат атмосферска канализација, водовод, фекална канализација и уредени тротоари. Тоа е она што им е најважно на граѓаните – изјави Николоски.
Тој додаде дека паралелно се инвестира и во градинки, училишта, амбуланти и болници.