6,1 милион евра ќе легнат на сметките на граѓаните од Мој ДДВ

Исплатата на парите е во тек, а законскиот рок е 60 дена од истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

790

Во тек е исплатата на дел од ДДВ-то искажано во фискалните сметки скенирани во последното тримесечје на 2020 година. На граѓаните ќе им се вратат околу 382 милиони денари, односно околу 6,1 милиони евра, а законскиот рок за поврат е 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

Според податоците на УЈП, во последното тримесечје од 2020 година скенирани се 67.272.456 фискални сметки, вкупниот промет изнесува 33.398.562.346 денари, а на граѓаните ќе им се вратат околу 382 милиони денари, односно околу 6,1 милиони евра.






– Во овој износ не влегува износот кој треба да се врати кај граѓаните на кои претходно не им бил вратен дел од ДДВ поради внесени погрешни податоци во апликацијата МојДДВ – велат од УЈП.

Од даночната управа информираат и дека враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

Процентот на поврат на ДДВ со последните измени на Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица е повисок за домашни производи.

– Враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20% од пресметаниот данок искажан во поединечна фискална сметка. Враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на останати добра и услуги се врши во висина од 10% од пресметаниот данок на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка – појаснуваат од УЈП.

Проектот МојДДВ, Управата за јавни приходи го започна на 1 јули 2019 година, а има цел враќање назад пари кај граѓаните и сузбивање на сивата економија.

Право да скенираат сметки имаат сите граѓани кои навршиле 15 години возраст; поседуваат валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на Република Северна Македонија, се регистрирани корисници на системот за електронска пресметка за приход и данок (е-Персонален данок) на УЈП и поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет.

Лимитот изнесува 1.800 денари за едно тромесечје, односно 600 денари месечно или 7.200 годишно за едно лице. Доколку се надмине лимитот од 600 денари месечно за едно лице, остатокот од сумата се пренесува во наредниот месец, во рамките на едно тромесечје.

Поврзани содржини