2026 НА ПАТ ДА СТАНЕ ВТОРА НАЈТОПЛА ГОДИНА На Јужниот Балкан октомври бил постуден од вообичаено
Октомври ги собори досегашните глобални температурни рекорди, а 2026 година веќе се искачи на второто место. Научниците пресметаа дека постои и можност да биде надминат рекордот од 2024 година.
Планетата Земја е на пат да ја заврши 2026 година како втора најтопла во историјата на мерењата, со можност дури и да го собори апсолутниот рекорд поставен во 2024 година. Октомври веќе стана најтоплиот октомври досега, а според европската климатска служба „Коперник“, постои 20 отсто веројатност годинава да го изедначи или надмине досегашниот годишен рекорд.
Најтопла година во историјата на мерењата засега останува 2024, кога глобалната температура била за 1,60 Целзиусови степени повисока од прединдустрискиот просек. На второто место е 2023, додека 2025 завршила трета, со разлика од само 0,01 степен во однос на претходната година.
Но, 2026 веќе ги надминува резултатите од 2023 и 2025 за истиот период од годината. Според податоците за првите десет месеци, глобалната температура била за 0,07 степени пониска од рекордната 2024, но за 0,05 степени повисока од 2023.
Просечната температура на планетата во октомври изнесувала 15,35 степени, односно 1,75 степени над прединдустриското ниво. Тоа бил трет последователен месец во кој глобалното затоплување го надминало прагот од 1,5 степени.
Интересно е што рекордната глобална топлина не се почувствувала подеднакво во сите делови на светот.
Додека планетата го бележела најтоплиот октомври, јужниот дел на Балканот, Грција, јужна Италија и источниот Медитеран имале температури пониски од вообичаените. Во делови од овие региони отстапувањето достигнувало околу два степени под просекот.
Спротивно на тоа, во западниот дел на Антарктикот температурите биле повеќе од седум степени над просекот, а на одредени места дури до 11 степени повисоки.
Дополнителен фактор за рекордните температури е засилувањето на климатската појава Ел Нињо во Тихиот Океан.
Просечната температура на морската површина надвор од поларните региони во октомври достигнала 20,95 степени, што е нов рекорд за овој месец.
Во тропскиот Пацифик, во областа што научниците ја користат за следење на Ел Нињо, температурата на морската површина достигнала 29,94 степени. Отстапувањето од вообичаените вредности изнесувало 3,21 степени, надминувајќи ги рекордите од претходните силни епизоди на оваа климатска појава.
„Во тропскиот дел на Тихиот Океан Ел Нињо продолжува да зајакнува, при што температурата на морската површина во регионот што научниците го користат како главен показател за следење и дефинирање на оваа климатска појава достигна историски максимум“, соопшти „Коперник“.
Според сегашните пресметки, просечната глобална температура за целата 2026 година се очекува да биде меѓу 1,56 и 1,61 степен над прединдустриското ниво.
Ако прогнозата се оствари, 2026 ќе стане втората календарска година, по 2024, со просечна температура над 1,5 степени.
Четиригодишниот просек за периодот 2023–2026 исто така се очекува да го надмине овој праг.