14 ЛИЦА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА ЗА БЕЗОБЅИРНО ВОЗЕЊЕ, МЕЃУ НИВ И ТРОЈЦА МАЛОЛЕТНИЦИ Еден возел во спротивен правец, тројца биле пијани
Десет лица управувале без возачка дозвола, тројца биле под дејство на алкохол, а еден возач бил затекнат како се движи во спротивен правец на еднонасочна улица.
Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на цела држава лишиле од слобода 14 лица поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Од МВР информираат дека десет од лицата управувале возило без возачка дозвола, а меѓу нив имало и тројца малолетници.
Кај еден од возачите била пронајдена и бела прашкаста материја, додека три лица биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол. Еден од нив учествувал и во сообраќајна незгода.
Полицијата лишила од слобода и лице кое управувало возило во спротивен правец на еднонасочна улица.
По целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Особено се апелира да не се управува моторно возило без возачка дозвола, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
„Одговорното однесување во сообраќајот е заедничка обврска и клучен предуслов за поголема безбедност на сите граѓани“, велат од Министерството.