НЕМАШЕ МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ НА СРЕДБАТА НА ФИЛИПЧЕ И РАМА „За знамињата прашајте во конзулатот“

На фотографијата што ја објави албанскиот премиер Еди Рама се гледаат само знамињата на Албанија и на НАТО. Членот на раководството на СДСМ, Агрон Демири, ја споделил фотографијата, но подоцна ја избришал.

2

Албанскиот премиер Еди Рама објави фотографија од средбата со лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во албанскиот конзулат во Битола. На фотографијата се гледаат знамињата на Албанија и на НАТО, но не и македонското државно знаме.

Рама на својот фејсбук-профил објави серија фотографии од посетата на Битола по повод Денот на албанската азбука, меѓу кои и фотографија од разговорот со Филипче.






Фотографијата ја споделил и членот на Извршниот одбор на СДСМ, Агрон Демири, кој кратко потоа ја избришал објавата.

На прашањето зошто на фотографијата го нема македонското знаме и за што разговарале двајцата политичари, од Центарот за комуникации на СДСМ за „Фокус“ одговориле:

„Станува збор за неофицијална средба на нивно барање во просториите на конзулатот на Република Албанија во Битола. За знамињата прашајте во конзулатот“.

Ниту Филипче ниту СДСМ не ја објавиле средбата на своите официјални профили на социјалните мрежи.

Поврзани содржини