„Златниот“ Георгиевски се враќа од Токио со сребрениот медал во џеб

На патот до финалето Георгиевски во полуфиналето ја забележа својата најубедлива победа во досегашниот дел од турнирот, совладувајќи го Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.

782

Таеквондистот Дејан Георгиевски во финалниот меч за златото во категоријата над 80 килограми на Олимписките игри во Токио, дојде до сребрениот медал по поразот од претставникот од Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин кој беше најдобро рангиран меѓу сите учесници.

Во првата рунда Георгиевски и Ларин влегоа претпазливо. Прв поведе Русинот со казнен поен, а потоа го зголеми водството со удар со рака на 2:0 и со овој резултат заврши првата рунда.






На почетокот на втората рунда Георгиевски изедначи на 2:2, но Ларин набрзина ја зголеми предноста на 7:2, но нашиот Олимпиец намали со удар со нога на 7:4, потоа следеше и удар со рака за 7:5, а до крајот на рундата двајцата теаквондисти обезбедија по два поени за конечни 9:7 во втората рунда.

Во третата одлучувачка рунда за златниот медал Ларин зголеми на 10:7 со казнен поен, потоа следеше и еден за Георгиевски за 10:8. Во последните 60 секунди, Ларин му зададе удар во главата на Георгиевски за водство на Русинот на 13:9, но за наша жал Ларин собра уште два поена за конечни 15:9.

На патот до финалето Георгиевски во полуфиналето ја забележа својата најубедлива победа во досегашниот дел од турнирот, совладувајќи го Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.

Претходно во првата денешна борба Георгиевски го совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба со 11:8, а потоа и репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4.

Инаку Георгиевски испиша историја од независноста на Македонија со пласманот во првото финале на некој наш натпреваруваш. Претходно најблиску до оваа цел беше борачот Могамед Ибрагимов, кој го има досега единствениот олимписки медал за нашата земја, но тој на Игрите во Сиднеј во 2000 година, во категоријата борење слободен стил до 85 килограми загуби во полуфиналето, но потоа победи во борбата за третото место и освои бронзен медал.

Последен наш спортист на Игрите во Токио ќе биде борачот Могомадгаџи Нуров кој својот настап во категоријата над 97 килограми во слободен стил ќе го има на 06 август, тој како и Георгиевски на Игрите дојде со обезбедена А норма и според досегашните најави тој исто така ќе атакува на некое од највисоките места кои обезбедуваат медал.

Поврзани содржини