Жена шетала маж на поводник за да избегне полициски час: „Само го шетам моето куче“
Полицијата доби впечаток дека жената сака да го тестира трпението на полицијата - изјави портпаролката на полицијата Изабел Гендрон.
Една Канаѓанка се сетила на неконвенционален начин да ја заобиколи мерката полициски час поради пандемијата на вирусот ковид-19, за што ќе мора да плати висока парична казна.
Откако започнал полицискиот час, таа била надвор од својот дом и држела поводник на кој, наместо куче, бил врзан маж, соопшти полицијата.
Кога полицијата и воочила дека го крши полицискиот час, жената рекла дека „само го шета своето куче“.
– Полицијата доби впечаток дека жената сака да го тестира трпението на полицијата – изјави портпаролката на полицијата Изабел Гендрон.
Овој чуден настан се случил во Шербрук, 150 километри источно од Монтреал.
За шетање на нејзиниот партнер на поводник, за време на полицискиот час, Канаѓанката сега ќе мора да плати казна од 1.500 канадски долари.
Според Гендрон, таа изјавила дека одбива да и ја ограничат слободата на движење поради заштита од ширење на вирусот ковид-19.
Таа на полицијата и соопштила дека ќе излегува секоја вечер за време на мерката за заклучување.
Во провинцијата Квебек, каде што живее, на граѓаните не им е дозволено да ги напуштат своите домови во периодот од 20 до 5 часот наутро, а таа мерка е во сила уште четири недели.