ЖЕЉАЗКОВ РЕЧЕ ДЕКА ДОБИЛ УВЕРУВАЊЕ ОД КОШТА ДЕКА СТРОГО ЌЕ СЕ ПРИДРЖУВА ДО ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Бугарија го гледа процесот како однос меѓу ЕУ и Македонија

Го замолив Кошта да им го привлече вниманието на нашите колеги во РСМ дека говорот на омраза не помага во овој процес, вклучително и во нашиот дијалог, кој треба да се базира на Договорот за добрососедство, рече Жељазков.

164

Бугарија ќе се држи до својата позиција од изгласаната Декларација во бугарскиот парламент, нема да поставува дополнителни услови за Македонија и нема да го претвори процесот во билатерален. Ова му го рекол бугарскиот премиер Росен Жељазков денеска на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на средба во Брисел, Белгија.

– Разговаравме детално за проширувањето на ЕУ, а особено за Република Северна Македонија, врз основа на принципот на сопствени заслуги. Нашиот став е целосно во согласност со оној изразен во декларацијата на Националното собрание од мај оваа година, која дава доволно гаранции на РСМ дека Бугарија нема да поставува никакви различни услови, ниту ќе го претвори процесот во билатерален, и дека тој ќе се смета од нас како земја-членка на ЕУ и од Европскиот совет како однос меѓу ЕУ и РСМ. Главното прашање е промена на Уставот, регистрација на Бугарите како заедница и почитување на човековите права и потребните гаранции за ова. Бугарија не поставува никакви услови за темата, Бугарија сака спроведување на консензуалниот компромис од 2022 година – истакна Жељазков.






Тој рече дека добил уверување од Кошта дека Европскиот совет строго ќе се придржува до компромисот од 2022 година.

– Го замолив Кошта да им го привлече вниманието на нашите колеги во РСМ дека говорот на омраза не помага во овој процес, вклучително и во нашиот дијалог, кој треба да се базира на Договорот за добрососедство. Ние, како мудра земја-членка на ЕУ, со потребната доза на воздржаност ги воздржуваме емоциите и реакциите во врска со овие закачки од нашите колеги од РСМ, кои можат да најдат основа во претстојните избори таму наесен – заклучи Жељазков.

Поврзани содржини