ЗЕЛЕНСКИ ТВРДИ ДЕКА ПУТИН ПЛАНИРА МАСОВНА МОБИЛИЗАЦИЈА Уште 300.000 војници до крајот на годинава?

Зеленски смета дека регрутацијата најверојатно ќе биде насочена кон руските периферни региони, а помалку кон големите градови.

0

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Москва планира нова голема мобилизација по парламентарните избори, со план во текот на 2026 година да обезбеди дополнителни 300.000 војници.

Зеленски посочи дека регрутацијата најверојатно ќе биде насочена кон руските региони, а помалку кон големите градови.






– Убедени сме дека по изборите Русија ќе продолжи со мобилизацијата – изјави украинскиот претседател пред новинарите во Киев.

Според неговите тврдења, Москва размислува за таканаречена „периферна мобилизација“, со која би се обезбедиле нови војници без масовна мобилизациска кампања во најголемите руски урбани центри.

Зеленски смета дека значителен дел од новорегрутираните сили би можел да биде насочен кон источниот фронт. Како можни подрачја ги посочи Костјантинивка, Славјанск и Краматорск, каде што руските сили продолжуваат со воените операции.

Украинскиот лидер тврди дека Русија првично планирала да регрутира околу 500.000 војници, но подоцна целта била намалена на 300.000 за 2026 година. Според него, дополнително регрутирање би можело да продолжи и во 2027 година.

Зеленски истовремено изјави дека Русија од почетокот на годинава изгубила околу 267.000 војници, од кои, според неговите тврдења, околу 155.000 загинале. Овие бројки, сепак, не можат независно да се потврдат. И двете страни во конфликтот редовно објавуваат податоци за загубите на противникот, а нивната точност е тешко да се утврди.

Поврзани содржини