ЗЕЛЕНСКИ ЈА КРИТИКУВА ОДБРАНАТА ОД ДРОНОВИ Воздухопловните сили не одговараат доволно ефикасно
Украинскиот претседател најави мерки за подобар одговор на руските напади со дронови и можни нови мировни средби во САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно го оцени функционирањето на воздухопловните сили во делови од земјата како „незадоволително“, нагласувајќи дека веќе се преземаат чекори за подобрување на одговорот на масовните руски напади со беспилотни летала.
Зеленски посочи дека руските воздушни удари во последните месеци се насочени пред сè кон енергетската инфраструктура на Украина, при што се оштетени далноводи и системи за греење, што директно влијае врз снабдувањето со електрична енергија, греење и вода за индустријата, логистиката и граѓаните.
– Потребно е поефикасно и побрзо реагирање на воздушните закани – порача украинскиот претседател, додавајќи дека за ова прашање веќе разговарал со министерот за одбрана и началникот на воздухопловните сили. Сепак, тој не откри конкретни детали за мерките што ќе бидат преземени.
Војната во Украина влезе во својата петта година, а засега нема видлив напредок во мировните преговори кои се одвиваат со посредство на САД.
Зеленски, сепак, најави дека се планирани нови средби меѓу руските и украинските делегации „во блиска иднина“, при што како можна локација ги спомена Соединетите Американски Држави.