ЗАМИНУВА ДОКТОРКАТА КОЈА ИМ БЕШЕ НАДЕЖ Повредените од трагедијата во „Пулс“ бараа таа да остане, надлежните веднаш реагираа

Докторката Катерина Паниќ Мирчовска уште на почетокот од годинава поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради нов ангажман во градската болница „8 Септември“ во Скопје. Сепак, нејзиниот престој ќе биде продолжен благодарение на реакцијата на заменик-министерот Јовица Андовски, кој ја запрел примената на решението – со цел докторката да остане во Кочани сè додека пациентите имаат потреба од нејзината здравствена нега.

2,456

Повредените лица од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, преку писмен допис до јавноста, упатија реакција на најавените кадровски промени во Општата болница со проширена дејност, кои, како што предупредуваат, сериозно ќе влијаат на нивниот третман и лекување.

„Чувствуваме должност и потреба да се обратиме јавно поради сериозна и загрижувачка промена во нашата здравствена нега. Ја информираме јавноста дека од понеделник, 1 јуни, докторката Катерина Паниќ – нашата докторка Кате, која беше наш главен доктор и поддршка во целиот период на опоравување – повеќе нема да биде дел од ЈЗУ Општата болница – Кочани. Таа заминува во друга болница, иако никој не може да ја замени. Сè уште немаме информации кој ќе дојде на нејзино место и каков ќе биде понатамошниот пристап кон нашето лекување“, се наведува во дописот.






Повредените истакнуваат дека живеат во страв и неизвесност и се чувствуваат напуштени од државата.

„Вистината е – не знаеме што нè чека утре. Никој не ни кажува кој ќе дојде после неа или како ќе изгледа нашата понатамошна грижа. Се прашуваме дали пак ќе останеме сами? Повеќе не веруваме. И сакаме сите да знаете – не е исто. Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка. Докторката Кате не беше само лекар – таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше со човечност, посветеност и разбирање не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ траума и неизвесност“, додаваат повредените.

Од Општата болница во Кочани потврдија дека докторката Катерина Паниќ Мирчовска уште на почетокот од годинава поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради нов ангажман во градската болница „8 Септември“ во Скопје. Според болницата, нејзиното заминување не било поврзано со пожарот, бидејќи било најавено многу порано.

Одлуката за нејзиното прераспределување била потпишана од поранешниот министер за здравство Арбен Таравари. Сепак, нејзиниот престој бил продолжен благодарение на реакцијата на заменик-министерот Јовица Андовски, кој ја запрел примената на решението – со цел докторката да остане во Кочани сè додека пациентите имаат потреба од нејзината здравствена нега.

Поврзани содржини