ЗАКОНОТ ЗА ЕНЕРГЕТИКА ЈА ПОМИНА ВТОРАТА ФАЗА ВО СОБРАНИЕТО Прифатени се амандмани на сите пратенички групи
Во текот на амандманската расправа беа прифатени 61 амандман (поднесени 71 амандман) од пратеници од сите пратенички групи,
Министерството за енергетика прифати амандмани поднесени од сите пратенички групи за Законот за енергетика. Се очекува тој да биде донесен во текот на месецов.
Предлог-законот за енергетика, како едно од најважните законски усогласувања со енергетската легислатива на ЕУ, го помина второто читање пред надлежните собраниски комисии. Во фазата на второто читање остана разгледување на текстот на Дополнетиот предлог на закон за енергетика на седница на Собрание, на која следи и постапка на донесување на законот и негово објавување во Службен весник.
-Станува збор за клучен закон кој отвора нови можности за пазарот и обезбедува фер услови за сите учесници –граѓаните, преку стопанството, до јавните институции. Ова е закон што ја носи Македонија чекор поблиску до европскиот енергетски пазар, но и ја зајакнува нашата внатрешна стабилност и отпорност – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Во текот на амандманската расправа беа прифатени 61 амандман (поднесени 71 амандман) од пратеници од сите пратенички групи.
Ова, велат од Министерството за енергетика, ја покажало намерата на Министерството да го заврши законодавниот процес, во отворена, транспарентна и инклузивна постапка.
Во текот на расправата беа прифатени повеќе суштински амандмани меѓу кои и: задолжително воведување на складишта (батерии) за новите електроцентрали од варијабилен обновлив извор на енергија; воведување обврска инвеститорите да докажат дека имаат средства во износ од 100.000 евра на сметка или во основни средства при издавање на лиценца за вршење на енергетските дејности трговија и снабдување со електрична енергија; допрецизирани се одредбите за именување и разрешување на членовите на Регулаторната комисија за енергетика; исклучокот за друштвото кое врши дејност дистрибуција на гас да може да врши и дејности снабдување со гас, снабдување со гас со обврска за јавна услуга и снабдување со гас во краен случај, доколку има приклучени помалку од 100 000 потрошувачи.
Исто така беше прифатен амандманот кој се однесува на делот за дополнителен приход за операторот на електродистрибутивниот систем кој го продава вишокот на електрична енергија за секоја продажба да има обврска да ја извести Регулаторната комисија за енергетика, а во делот на одвоено сметководство додадена е обврска на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности во годишната сметка доставена до Централниот регистар одделно по шифра на дејност да го прикажат приходот од секоја енергетска дејност за која поседуваат лиценца.
Прифатени се и преодните одредби за постојните одлуки за сертификација за МЕПСО и НОМАГАС како и преодни одредби за вршителите на енергетски дејност кои за прв пат ги воведуваме како енергетски дејности со овој закон за кои е потребно лиценца за вршење на дејноста.
Во рамките на новопредложената енергетска реформа, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини согласно своите надлежности законски го реализира и преносот на сопственичката структура на друштвото оператор на електропреносниот систем МЕПСО, како дел од напорите за подобра контрола, координација и управување со преносната мрежа.
– Стабилен и професионално управуван преносен систем е предуслов за раст на обновливите извори и сигурно снабдување на домаќинствата и индустријата. Со оваа одлука, го јакнеме капацитетот на државата да одговори на предизвиците на енергетската транзиција – додаде Божиновска.
Главни придобивки од законот , според министерството за енергетика се либерализиран, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, што ќе значи поголем избор и пофер цени за потрошувачите; воведување на паметни броила, што овозможува прецизно мерење на реалната потрошувачка на електрична енергија и увид на крајниот потрошувач во својата потрошувачка на електрична енергија на дневна основа; поддршка за нови концепти како граѓански енергетски заедници и модели на активно управување со побарувачката; зголемена пазарна ликвидност и пристап до повеќе извори на снабдување за стопанството и подеднаква можност за инвестиции на сите и инфраструктурна стабилност, преку инвестиции во системи за складирање и дигитализација на системите.