Загрижувачка реприза со ковид-19 пред празниците во Франција
Навистина се наоѓаме во период на зголемување на ширењето на вирусот, на реприза на епидемијата - рече Софи Вокс, епидемиолог во Јавното здравство за време на онлајн брифинг.
Епидемијата со Ковид-19 минатата недела забележа реприза, со зголемувањето на новите инфекции и малото зголемување на бројот на примени пациенти во болниците, што е загрижувачки развој на состојкбата во пресрет на одморите за Нова Година и Божик, предупредија денеска француските здравствени власти, јави дописникот на МИА.
– Навистина се наоѓаме во период на зголемување на ширењето на вирусот, на реприза на епидемијата – рече Софи Вокс, епидемиолог во Јавното здравство за време на онлајн брифинг.
„И оваа реприза, дури и да е ограничена, е загрижувачка, затоа што доаѓа кога Франција веќе беше на загрижувачко ниво во однос на новите случаи, оптоварувањето во болниците и е во пресрет на две посебни недели, недели за одмор, собирања, средби“, додаде Летисија Хујарт, научен директор на агенцијата за јавно здравје.
Ширењето на коронавирусот својот врв, со околу 60.000 заразени во еден ден, го регистрира на крајот на октомври, пред драстично да опадне благодарение на ограничувањата што стапија на сила во ноември. Но, се стабилизира на високо ниво од околу 12.000 нови случаи дневно, па дури и почна повторно да се зголемува, како што покажува последниот неделен епидемиолошки билтен објавен од Јавното здравство.