ЗАГРИЖУВА ОБИДОТ ЗА МАНИПУЛАЦИЈА НА ПРОТЕСТОТ ЗА ПРАВОСУДЕН ИСПИТ Отсуството на државни обележја отвора дилеми, вели Министерството за правда

Министерството за правда го почитува правото на протест, но наведува дека на денешниот протест за полагање правосуден испит на албански јазик загрижува улогата на одредена опозициска партија во протестот. Министерството соопштува и дека отсуството на државни обележја отвора дилеми за односот кон државата и уставниот поредок.

121

Министерството за правда во врска со денешниот протест на студенти кои бараа полагање правосуден испит да биде овозможено на албански јазик, соопшти дека го почитува правото на протест како едно од темелните демократски права на секој граѓанин.

Министерството вели дека слободното изразување на ставови и иницијативи преку јавни собири претставува значаен сегмент од демократското општество и придонесува кон унапредување на јавниот дијалог.






„Сепак, со жалење констатираме дека денешниот протест уште еднаш покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествуваа во креирањето на лошите состојбите во правосудниот систем“, се вели понатаму во написот.

Министерството за правда вели дека особено загрижува улогата на одредена опозициска партија, и нивното делување во контекст на актуелните протести.

„Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување на краткорочни политички цели.

Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок.

Во однос на барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда уште еднаш потенцира и потврдува дека истиот се спроведува согласно важечката законска рамка. Станува збор за стручен испит кој не претставува управна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и стручност во правосудниот систем.

Министерството за правда останува отворено за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и внимателно ги разгледува сите иницијативи и предлози, исклучиво во рамки на законските надлежности. Наш приоритет останува јакнењето на правниот поредок и воспоставување на фер, транспарентен и квалитетен систем на стручна евалуација, ослободен од политички влијанија.

Нема да дозволиме никаква злоупотреба на Уставот и законите“.

Поврзани содржини