Заев вели дека наследиле опустошена држава од Груевски, а се борат и со деструктивната опозиција
Од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите - истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев во почетниот говор на Конгресот на партијата се осврна на проблемите кои им ги остави режимот на ВМРО-ДПМНЕ во нивното 11 годишно владеење, како и деструктивната опозиција која го попречува развојот на земјата.
– Единаесетте години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни, несогледливи последици во тоа време. Државата ни беше опустошена. Додека граѓаните страдаа, државата одеше во погрешен правец, кон провалија. Во таков амбиент се исправивме, кренавме глас, ја покажавме Вистината и заедно со граѓаните одлучно газевме по улиците, во борба за слобода и правда – истакна премиерот на Северна Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев на отворањето на 26. конгрес на партијата.
Тој кажа дека епитетот „државнотворна партија“ СДСМ го потврдувал многупати во минатото, а во изминативе четири години, по доаѓањето на власт, одновно и повторно го докажале тоа.
– Излеговме со чесна понуда, со јасен „План за обезбедување нормален живот во Македонија“. Со нов концепт: враќање на парите кај граѓаните, со сите сили на прав пат, кон интеграција, со постојана борба со режимските наследници, со одлучност за воспоставување на правна држава. Тоа граѓаните го препознаа и се приклучија! Го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој цела деценија ја држеше земјата во заложништво. Нашата татковина тргна напред, економски, политички, демократски, на секое можно поле – истакна Заев.
Тој додаде дека мандатот не бил мирен, но таа битка за доброто на земјата и доброто на народот била и очекувана.
– Ние од доаѓањето на власт се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, и на внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите – истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој додаде дека СДСМ решавала и решава прашања за кои популизмот носи брзи политички поени, но истовремено и ќор сокак за идните генерации.
– Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик – потенцираше Заев.
Лидерот на СДСМ додаде дека СДСМ води три битки од самото доаѓање на власт – борба против режимот и неговите остатоци, борба за подобар живот и за европски стандарди дома, како и борба за безбедна и сигурна иднина во НАТО и ЕУ.
– Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битки во изминатите четири години – истакна Заев.