ЗАЕВ ВЕЌЕ НЕ ГО ЧЕПКА УСТАВОТ НИ ЗА АТЕР НА АХМЕТИ Дебатата е претседател со зголемени ингеренции или маша на Собранието
Избор на претседател на државата во Собранието е тотално уназадување на демократијата и воведување на етничкиот принцип наспроти принципот на квалитет, смета аналитичарот Синиша Пекевски. За експретсдателскиот кандидат Имер Селмани вреди да се отвори дебата дали на Македонија ѝ е потребно претседателот да се избира на непосредни избори, кога тој, според ингеренциите, има повеќе репрезентативна улога.
Зоран Заев, владиниот партнер на Али Ахмети, ниту има намера да го отвора Уставот за претседателот на државата да се бира во Собранието, ниту пак, го поддржува тој предлог со образложение дека тоа е чекор назад во демократијата. Заев и Ахмети за ова прашање се на дијаметрално различни позиции, откако лидерот на интегративците најави дека следната бариера за уривање е избор на претседател на државата Албанец, додека за СДСМ тоа е уназадување на демократијата.
Ахмети од предизборен митинг во Чаир обелодени дека следната цел и визија на ДУИ е Албанец шеф на државата, не откривајќи детали. Плусинфо веќе објави дека идејата на интегративците е претседателот на државата да се бира во Парламентот.
– Нема да одиме назад во демократијата. Нели треба да одиме напред во унапредување на демократските процеси. Непосредните избори се далеку подемократски отколку Парламентот да бира претседател на државата. И плус тоа, за да се измени начинот на избор на шеф на државата потребно е Уставот да се менува. Доволно е еднаш менување на Уставот. СДСМ додека е на власт повторно нема да менува Устав. Тоа е пекол – вели во изјава за Плусинфо висок функционер на СДСМ.
Експертите кои ги консултираше Плусинфо се единствени во ставот дека Ахмети го реафирмира предлогот за дневно-политички цели и за бенефит на локалните избори. Сепак, дел од нив сметаат дека политичарите и експертската фела треба да размислат дали ингеренциите кои ги има претседателот на државата соодветствуваат на начинот како тој се бира.
– Ингеренциите на претседателот на државата во Македонија се поблиску до претседател кој се бира во Собрание отколку на непосредни избори. Ние на непосредни избори го избираме претседателот со многу високо ниво на легитимитет. Да се избере претседател потребни се многу повеќе гласови отколку да се избере влада. Како систем се појавува дискрепанца помеѓу ингеренциите и легитимитетот на шефот на државата. Како држава треба да одлучиме доколку претседателот го бираме на непосредни избори, тогаш треба да се зголемат неговите ингеренции, кои сега ги има малку и тоа во надворешната политика и безбедноста. За да се намали дискрепанцата, ако на претседателот му останат сегашните ингеренции, тогаш треба да се размисли тој да се бира во Собранието – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски и додава дека барањето на Ахмети е политичко и дека не би сакал да го коментира.
Аналитичарот Мерсел Биљали смета декан шефот на државата треба да се бира во Собранието бидејќи нашиот политички систем не му дава големи овластувања за тој да се избира на непосредни избори.
– ДУИ се чувствува загрозена на изборите и затоа Ахмети оди со најавата за Албанец претседател на државата. Да, јас сметам дека Собранието треба да го бира претседателот, но овие работи не се прават така, како Ахмети среде изборна кампања. Тоа прашање треба да се отвори во мирен амбиент, да се расправа за тоа – вели Биљали.
Исти позиции дели и поранешниот претседателски кандидат Имер Селмани. Според него, вреди да се отвори дебата за ова прашање.
– Ова е рационално размислување на партија која долго време е на власт и која донела многу промени во државата. Имаме претседател кој се бира со многу јак легитимитет, но со многу слаби ингеренции. Вреди да се отвори дебата за ова прашање, односно дали на Македонија ѝ е потребно претседателот да се избира на непосредни избори, ако се земе предвид дека тоа чини многу пари, се трошат многу ресурси и време, а шефот на државата кога станува збор за ингеренциите, има повеќе репрезентативна улога. Во соседството има примери каде претседателот се избира во собранието. Така е во Косово, Албанија и во Грција. Сметам дека покорисно е претседателот да се бира во Собранието – вели Селмани.
Од осамостојувањето, Македонија има искуство со двата начини на избор на претседател на државата.
Првиот претседател на самостојна Македонија, Киро Глигоров за првиот мандат (1991-1994) беше избран во Собранието, додека вториот претседателски мандат го доби на непосредни избори. Тогаш остана запаметено дека на првото тајно гласење во Парламентот, Глигоров не ги доби потребните две третини од гласовите, бидејќи не ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и од ПДП. Тогаш, тој доби 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател. Но, по само три дена, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение информира дека ќе ја поддржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпретседател и премиер на државата биде избрана личноста која е член на нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, во Собранието, со 114 гласови Глигоров беше избран за прв претседател на Република Македонија.
Тој по втор пат беше избран за шеф на државата на првите непосредни претседателски избори одржани во октомври 1994 година. На изборите учествуваа двајца кандидати, тогашниот актуелен претседател Киро Глигоров кој освои 52,4 отсто (715.087 гласа) од гласовите на вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список, додека неговиот противкандидат Љубиша Георгиевски освои 21,6 отсто (197.109 гласа).
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски остро се спротивставува на предлогот на Ахмети.
– Тоа е тотално уназадување на демократијата и воведување на етничкиот принцип наспроти принципот на квалитет. Не гледам поента зошто се инсистира на етничкото и тоа по секоја цена да биде Албанец. Зошто Ахмети не предложи жена да биде претседател на државата, или Србин, Турчин … Претседателот треба да поседува квалитети, а не да биде примарна етничката припадност. Ако етничкиот принцип е критериум за избор на шеф на државата тогаш тоа е тотално деградирање и носење во среден век – смета Пекевски.
И за аналитичарот Владимир Божиновски проблем е дека ДУИ треба да сфати дека претседателот може да биде и марсовец и дека ќе нема проблем ако тој е квалитетен.
– Дали претседателот треба да се избере само затоа што е Албанец? Тоа е нон-сенс. За да се смени изборот на претседателот потребна е промена на Уставот, а за тоа ДУИ треба да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието. Точно е дека претседателот има силен легитимитет во однос на ингеренциите кои му се дадени. Ако има промени тогаш треба да бидат во засилување на неговите ингеренции. Но, се поставува прашањето, што сè ќе се промени ако шефот на државата го бира Собранието. Дали ако Собранието го избира, ќе може и да го отповика? Може да се донесе одлука Собранието да не може да го отповика шефот на државата. Ако е така, дали тоа ќе значи дека претседателот не ќе може да биде коректив на Собранието оти нели, избран е од мнозинството пратеници и тој ќе биде нивен послушен кадар? Дали во таков случај претседателот ќе врати закон донесен во Собранието? Претседателот треба да е коректив на владата оти е дел од тој дуален систем. Но наместо тоа тој ќе биде продолжена рака на владата – вели Божиновски.
Тој смета дека ниедна држава не напредува ако прв критериум за избор на претседател е етничката припадност, наместо квалитетот.