Заев: Се вакцинирав со „Синофарм“ и се чувствувам добро
Премиерот ги повика граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, и истакна дека вакцините се безбедни.
Премиерот Зоран Заев денеска на пунктот во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинираше против коронавирусот. Тој се вакцинираше со кинеската вакцина на Синофарм.
– Ја примив вакцината на „Синофарм“. Ќе ја продолжам мојата дневна агенда попладне. Ги повикувам сите да се пријават на сајтот „вакцинација.мк“. Вакцините се безбедни. Колку побрзо заврши процесот на имунизација, толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател. Нема никаков проблем при имунизација на населението -, истакна Заев.
Тој ги повика граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, и истакна дека вакцините се безбедни.
– Вакцините се безбедни, проверени тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши борбата со овој невидлив непријател пандемијата од ковид-19. Важно е масовно да се учествува во процесот за имунизација за да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да го постигнеме колективниот имунитет – рече премиерот Заев.
Тој потсети дека по примерот на вакциналниот пункт во салата „Борис Трајковски“ Владата и МЗ во соработка со општините отворија регионални пунктови за масовна вакцинација во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, а најави дека набрзо ќе бидат отворени и вакцинални пунктови во Велес и Прилеп.
Заев нагласи дека процесот на вакцинација треба да е придружуван со натамошно почитување на личните мерки за заштита се додека епидемиолозите не донесат поинакви препораки.
Инаку, досега во Македонија се вакцинирани 74.076, а заинтересирани граѓани за вакцинација има вкупно 256.346 лица.