Заев на Тиранскиот економски форум: Ние никогаш нема да разговараме за она за што не може да се разговара

Остануваме отворени како и што сме биле до сега, но нема да чекаме некој да ни каже каде треба да се подобриме. Доволно сме капацитетни да го направиме тоа сега и веднаш, истакна премиерот.

590

Исправени сме пред предизвиците кои ретроградните сили на целиот континент ги наметнуваат неевропските вредности, постојано девалвирајќи ги цивилизациските придобивки чии темели ги поставија Аденауер, Шуман и Де Гаспери, рече премиерот Зоран Заев на денешниот „Тирански економски форум 3“ на кој учествуваа српската премиерка Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија и еврокомесарот Оливер Вархеји.

– Република Северна Македонија беше првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна станавме и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја добивме и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. И, еве не 16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ. Како премиер мојата задача е да носам тешки и храбри одлуки, да работам во најдобриот интерес на моите граѓани и да работам заедно со Владата која ја предводам, да работам за онаа посветла иднина и визија која ја предложија пред 70 години втемелувачите на денешна современа, просперитетна и обединета Европа. Токму и затоа пред 4 години ги отворивме најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и истите ги затворивме во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред. Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија. Мојата земја била, е, и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома – рече Заев.






За жал овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, додаде тој, е ранлив.

– Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување на визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот. Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик. Би сакал да ја искористам приликата и да им се заблагодарам на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои постојано се тука со нас во овој процес, посебно околу помошта која ни беше дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со ковид-19 – истакна премиерот.

Тој додаде дека Владата на Република Северна Македонија пред три дена го усвоила планот „Европа дома“.

– Со овој план ние јасно и гласно декларираме што оваа влада ќе прави во однос на евроинтеграциите и процесите кои истата ги носи. Независно од расположението во соседството или во Брисел, ние сме посветени на доброто на нашите граѓани. Ги земаме најдобрите европски практики и ги вткајуваме во националното ткиво. „Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите, преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи. Документот е подготвен врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и Европската Унија, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската Комисија. Низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи. За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на Европската Унија – рече Заев.

Ковид кризата нè забави, додаде тој, но нема да нè запре.

– Мојата Влада има чист политички легитимитет потврден на парламентарни избори кои се одржаа пред нешто повеќе од 6 месеци и тој легитимитет ќе го впрегнеме во полна сила да работи за доброто на нашите граѓани. Остануваме отворени како и што сме биле до сега, но нема да чекаме некој да ни каже каде треба да се подобриме. Доволно сме капацитетни да го направиме тоа сега и веднаш. Ad Astra Per Aspera, да точно, патот кон ѕвездите е послан со тешкотии. Ама сега е време да ги совладаме сите нив. Ви благодарам за поканата и можноста да ги презентирам ставовите на мојата влада и мојот народ – рече Заев.

Поврзани содржини