Заев и Филипче во Прилеп слетаа со хеликоптер, опозицијата збесна (ФОТО)
Како што неофицијално дознава Плусинфо, хеликоптерот со којшто летале премиерот и министерот е полициски хеликоптер од моделот „MI-17/171“.
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, со хеликоптер пристигнале денеска во Прилеп за да извршат увид во завршените градежни работи на прилепската модуларна болница.
Ова го потврди и самиот премиер кој на новинарско прашање одговори дека денеска летал со хеликоптер заедно со министерот за здравство.
Како што неофицијално дознава Плусинфо, хеликоптерот со којшто летале премиерот и министерот е полициски хеликоптер од моделот „MI-17/171“. Од Владата побаравме потврда на информацијата, како и образложение зошто премиерот и министерот користат хеликоптер, но досега не добивме одговор.
Опозицискиот пратеник Петар Ристески прв ја објави информацијата на Фејсбук.
„Заев во Прилеп дојде со хеликоптер!!! А, како поинаку? Прво, патот Градско-Прилеп го прекина и е сега небезбеден, поради тоа што фирмата Рубау си замина бидејќи Заев и Сугарески му барале провизија? Второ, да ги избегне ТУТУНАРИТЕ кои го чекаа да му се ‘заблагодарат‘ за најкатастрофалниот откуп на тутун во последниве 30години. Тутунот земен за беспари. Тутунарите излажани и ограбени. 800 -1.000 тони тутун остана неоткупен. Прв пат после 30 години. Трето, вработените во општинската фирма ЈП за ПУП кои го чекаат ‘пресреќни‘, зеле вчера 5.000 денари февруарска плата, за мартовската ќе почекале! Четврто, вработените од Еурокомоозит кои ‘само што не почнале‘ со работа, излажани со неисплатени придонеси за кои се гласаше и закон во собрание! И на крај, семејствата на преку 330 починати прилепчани и 7.131 заболени кои молат за лекарска помош, пиштат од мака и непружена лекарска помош, се молат за помош по фирми не можејќи да ги платат прескапите цени од 2.300 евра за еден ден во приватните болници, за своите животи. A вакцини нема! ЗАЕВ МРШ ОД ПРИЛЕП“, напиша Ристески на Фејсбук.
Реакција пристигна и од пратеничката на ВМРо-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
„Вие навистина повеќе не знаете на каде терате! Денес во Прилеп пристигна, ни помалку, ни повеќе, со хеликоптер! Во градот во кој има најмногу смртни случаи како последица на ковид-19,во градот кој благодарение на вас е мртов град“, искоментира Лашкоска.
Реагираше и пратеничката Марија Андоновска од партијата на Христијан Мицкоски.
„Каков срамен скандал!!! Заев со хеликоптер на МВР, со пари од граѓаните си отишол на настан! Каква ароганција, какво расипничко однесување, без нималку чуство и човечност! Си возат мотори, хеликоптери, а луѓе се борат за живот, умират,губат работни места,собираат донации за лечење во приватни болници. За луѓето брза помош не доаѓа, но затоа за Заев мора да има хеликоптер! Живот само за нив!? Само тие ли да живеат,а народот!? Затоа мора да има одговорност за секој еден скандал, секоја неправда направена врз граѓаните! За потсетување, едно од нивните лажни ветувања“, напиша Андоновска на Фејсбук.
Премиерот според агендата денеска ќе изврши увид во завршените градежни работи на модуларната болница во Прилеп, каде што ќе присуствува и на почеток на изградба на нова енергетски ефикасна градинка.
Заев ќе присуствува на официјално пуштање во употреба на новиот 400/110 киловолтен трансформатор во трансформаторска станица „Битола 2” во Новаци.