ЗАБРАНА ЗА 53 НЕЛЕГАЛНИ ОНЛАЈН ПРИРЕДУВАЧИ НА СРЕЌА На тапет се вкупно 160 вакви портали
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека проблемот е и во тоа што парите и информациите што ги предаваат граѓаните кон овие портали, не се знае каде одат, а многу лесно може да се искористат на штета на граѓаните.
Го потпишав првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. Со ова се забрануваат 53 портали коишто нелегално приредувале игри на среќа во Македонија и на коишто се прикачени македонски играчи на игри на среќа, знаеме дека се од Македонија затоа што се приклучуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари, соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Тој рече дека овие портали кои се нелегални, за краток период ќе бидат забранети.
– Овие 53 портали се најактивните, што значи дека имаат најголем број на играчи и најмногу средства, налогот го испративме до АЕК која што во најбрз можен рок, а најдоцна до 7 дена, треба да го препрати до телеком операторите коишто се во Македонија, а тие веднаш да постапат и да ги забранат – рече Андоновски во емисија на ТВ Алфа.
Тој дополни дека проблемот е и во тоа што парите и информациите што ги предаваат граѓаните кон овие портали, не се знае каде одат, а многу лесно може да се искористат на штета на граѓаните.
– Затоа и ги таргетиравме најкористените портали, а веднаш во следниот период, кога ќе помине оваа прва фаза, подготвуваме втор налог и мислам дека во рок од еден месец, ќе стигнеме и до 160 портали – рече Андоновски.